Првиот заменик министер за надворешни работи на Украина, Емине Џепарова ја обвини Србија дека ја користи војната во Украина за профит, додека британскиот весник „Гардијан“ пишува дека Србија за богатите Руси станала „капија“ за влез во Европа.

Џепар на Твитер напиша дека авиокомпанијата „Ер Србија“ го удвоила бројот на директни летови од Белград до Москва, откако земјите од ЕУ и некои други земји воведоа забрана за летови за руските авиони и ги прекинаа летовите за Русија.

Србија е единствената земја во Европа која има отворено небо за Русија. Заработката на крв не е достојна за една земја кандидат за ЕУ – напиша Џепарова.

Весникот „Гардијан“, пак, пишува дека богатите Руси ја користат Србија за да на „мала врата бегаат“ во Европа заобиколувајќи ја забраната за летови на ЕУ до и од Русија.

„Ер Србија“, што мнозински е во државна сопственост, го удвоила бројот на директни летови од Москва до Белград на 15 неделно за да одговори на зголемената побарувачка, откако ЕУ им забрани на руските авиони и авиокомпании да влезат во нејзиниот воздушен простор по инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина. Русија одговори со затворање на својот воздушен простор за авионите на ЕУ и на Велика Британија – пишива „Гардијан“.

Британскиот весник потсетува дека Србија не е членка на ЕУ и дека одбила да воведе санкции кон Русија, но нејзините авиони можат да влезат во воздушниот простор на ЕУ.

Така, оваа земја на Балканот стана единствениот преостанат европски воздушен коридор отворен за Русија – соопшти компанијата за анализа на патувања „Форвард кејс“ (Forward Keys).

Од компанијата додаваат дека капацитетот на седиштата на летовите меѓу Русија и Србија е зголемен за 50 отсто во првата недела од март во споредба со неделата пред влегувањето на руските тенкови во Украина, додавајќи дека е планирано дополнително зголемување на капацитетот за следните недели.

Она што е највпечатливо е колку брзо Србија стана порта за патување меѓу Русија и Европа – изјави потпретседателот на „Форвард кејс“, Оливие Понти.

„Гардијан“ пишува дека Русите кои доаѓаат во Србија го продолжуваат патувањето кон Европа, а нивните главни понатамошни дестинации се Кипар, Франција, Швајцарија и Италија. Русите патуваат и во Велика Британија, Словенија, Австрија, Германија и Шпанија.

Вчера, на Белградскиот аеродром поради лажна дојава за експлозивна направа беше приземјен авионот на „Ер Србија“ кој леташе на дестинацијата од Белград до Москва.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.