В петок, (15 април) со почеток во 20 часот, во Македонската Филхармонија, Зарина Првасевда ќе одржи свој солистички концерт-промоција на нејзиниот прв официјален студиски албум, насловен како „ЕХО“ кој во деновите што следат ќе излезе под етикетата на Croatia Records.

Овој концерт претставува своевидно заокружување на првиот циклус – нашето виртуелно дружење изминативе две – три години по социјалните медиуми, со што отпочнуваме ера на заедничко физичко споделување на енергија, љубов и музика кое на крајот на денот го заслуживме и јас и мојата публика и сите мои следбеници. Овој настан го чекам и замислувам откако знам за себеси, што говори за тоа дека е од вистински голема емотивна важност за мене и можам да кажам дека оние кои ќе бидат присутни таму, ќе посведочат на најубавиот ден во мојот живот како и остварувањето на сонот на едно мало девојче што никогаш не престана да сонува, дури и кога се чинеше речиси невозможно. Со голема радост и срце полно љубов и музика, ве очекувам на 15 април! , вели Зарина Првасевда.

11 традиционални песни од Балканот, спакувани во нови и уникатни аранжмани, се дел од албумот на Зарина, кој е отпеан на: македонски, албански, турски, српски и бугарски.

Зарина на коцертот ќе биде придружувана од нејзиниот ансамбл во состав: Филип Димишковски, Ратко Даутовски, Дејан Цветковски, Драган Теодосиев, Благојче Трајковски, Тони Арслан, Пенче Кралев, Филип Михајловски, Дејвид Демир.

Како специјални гости на концертот ќе настапат Васил Хаџиманов, Александар Петров и Перија, како и други нејзини пријатели и колеги.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.