Русија кажа дека ќе ги гарантира животите на преостанатите украински војници кои се борат во Мариупол ако денеска го положат оружјето. Руската влада соопшти дека украинските војници и странските платеници имаат рок да се предадат од пет до 12 часот по македонско време.

Оние што ќе се предадат ќе бидат третирани согласно Женевската конвенција за воени заробеници и нивните животи ќе бидат поштедени. Понудата се води од строго хумани принципи, кажа Москва.

Во изјавата не е наведено што ќе се случи доколку украинските сили продолжат да се борат. Нивната бројка не е позната. Русија вели дека преостанатите украински војници во градот се наоѓаат во областа на фабричкиот комплекс „Азовстал“. Киев досега не одговорил на понудата.

Претседателот Володимир Зеленски вчера кажа дека мировните преговори ќе бидат прекинати доколку украинските борци во Мариупол бидат елиминирани, со што вчера се закани првиот човек на самопрогласената Народна Република Доњецк, Денис Пушилин.

Ситуацијата во Мариупол е многу тешка. Нашите војници се блокирани, меѓу нив има и ранети. Таму се случува хуманитарна криза. И покрај тоа, нашите момци продолжуваат да се бранат – кажа Зеленски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.