Граѓаните на Скопје утре ќе имаат парно, лиценцата на компанијата Балкан Енерџи нема да биде одземена, тврдат владини извори за Алсат.

Деталите Владата ќе ги соопшти по 19 часот. Од БЕГ за Алсат велат дека траат преговорите во Владата. Според нив, не станува збор за одземање на лиценцата, бидејќи се повикале на Законот за кризи, според кој, државата е должна да обезбеди топлинска енергија во време на криза.

БЕГ се повикува на член 33 од Законот за кризи за да ѝ даде на Владата на РСМ легална можност да обезбеди финансирање за потрошувачите на топлинска енергија. Ова не подразбира одземање на лиценците. Сè уште се во тек преговори помеѓу БЕГ и Владата“, велат од Балкан Енерџи Груп.

Во овој член според Законот за кризи, стои дека во случај на кризи може да се употребуваат ресурсите на државата за надминување на кризата.

                                                  Закон за кризи, Член 33

„Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон“.

БЕГ се повикува на официјално прогласената кризна состојба во енергетиката во земјава. Владата во изминативе денови понуди БЕГ да даде банкарска гаранција за да може преку Развојната банка да добие кредит од 8 милиони евра. Втора опција е на сметката да ѝ бидат префрлени 6 милиони евра за граѓаните да добиваат сметки со стара цена. Двете понуди БЕГ ги одби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.