Растот на цените, особено на храната и горивата, во Албанија продолжи и во месец јули, што услови понатамошен раст на инфлацијата.

– Во јули инфлацијата достигна ниво од 7,5 отсто што  претставува највисока стапка во изминатите две децении, односно по 2002 кога изнесуваше 7,6 процетни. Во месец јули минатата година беше забележани инфлација од 2,2 отсто.

Според Институтот за статистика, ИНСТАТ, раст е забележан кај сите продукти и услуги.

Кај транспортот и прехранбените производи забележени се двојно повисоки цени. Токму овие две групи се оние за кои албанските граѓани трошат најголем дел од нивниот семеен буџет. Во групата исхрана највисоки се цените за млекото и млечните производи, житото и производите од нив, како и зеленчукот и овошјето.

Јулската инфлација е повеќе од двапати повисока од предвидувањата на Централна банка на Албанија од три отсто.

Минатиот месец нивото на инфлација беше 7,4 проценти, во мај 6,7, во април достигна стапка од  6,2 отсто, во март беше 5,7, додека во февруари 3,9 отсто.

За да ги ублажи нагорните ценовни притисоци,  преку монетарната политика, Централна банка на Албанија, на почетокот на месецов повторно  ја зголеми основната каматна стапка, овој пат за 0,5 проценти и таа сега изнесува 1,75 отсто, што е четврто зголемување годинава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.