Koсовскиот премиер Албин Курти обвини дека блокадите на северот ги организирал Белград со поддршка на Русија, и вели дека има ризик од нов конфликт со Србија.

Курти во интервју за италијанскиот весник „Република“ изјави дека пред инвазијата на Украина можностите биле мали, но сега ситуацијата е променета.

 

„Ако имаме уште една епизода, на пример во Придњестровје, тогаш веројатноста дека ќе се случи трета војна на Западен Балкан, а особено на Косово, ќе биде многу голема“, рече Курти.

Косовскиот премиер тврди дека луѓето кои биле на барикадите работат во нелегални објекти на северот на Косово и нив според него ги плаќа Белград.

За тоа дали влегувањето на Косово во НАТО ќе создаде тензии со Србија, тој рече дека такво нешто само ќе помогне за мирот во регионот.

 

На ова интервју на Курти, реагираа властите во Белград. Директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ,  оцени дека Курти и со својата последна изјава покажува дека отворено сака војна, а не дијалог и договор, пренесе РТС. Петковиќ изјави дека доколку Курти јавно каже дека Заедницата на српските општини никогаш нема да се формира и дека Србите мора да прифатат еднострани и насилни одлуки за регистарските таблички и за личните карти, на сите им е јасно дека тој повикува на конфликти на Косово. При последните тензии на Косово, албанскиот премиер Еди Рама даде поддршка на Косово. Претходно, кога Србија купуваше ново оружје, косовските власти изразија загриженост.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.