Руските власти денеска ги обвинија украинските сили дека целат кон морските платформи за дупчење во близина на Крим, велејќи дека три лица се ранети, а спасувачките операции се во тек.

Утрово непријателот ги нападна платформите за дупчење на Черноморнефтегас. Во контакт сум со нашите колеги во Министерството за одбрана и (специјалната служба) ФСБ, се обидуваме да спасиме луѓе“, се огласи преку Телеграм Сергеј Аксинов, гувернер назначен од Москва по анексијата на Крим во 2014 година.

Тој рече дека петмина од 12-те лица се спасени, а тројца се ранети, а потрагата по останатите продолжува со учество на патролни чамци и воздушни средства.

Тој не прецизираше кои инсталации се погодени, но компанијата Черноморнефтегас експлоатира неколку полиња со гас и нафта во Црното и Азовското Море во близина на Крим.

Ова е прв пријавен напад на офшор енергетската инфраструктура на Крим од почетокот на руската офанзива врз Украина на крајот на февруари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.