По разговорот со американскиот претседал, шефот на француската држава Емануел Макрон денеска ќе разговара со колегите од Русија, Украина и Полска како продолжување на дипломатската иницијатива за политичка разрешница на кризата на руско-украинската граница.

По видео-конференцијата посветена на Украина со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Макрон попладнево ќе разговара телефонски со својот полски колега Анджеј Дуда, а вечерва со рускиот Владимир Путин и со украинскиот Владимир Зеленски, соопшти Елисејската палата.

Макрон порача дека приоритет е да се најде политички начин за излез од кризата и да се „деескалираат“ тензиите на границата.

Во телефонски разговор доцна синоќа, американскиот претседател Џо Бајден и Макрон се обврзаа на силна координација и договор меѓу европските партнери и сојузници – соопшти Елисејската палата.

Од Белата куќа соопштија дека покрај дипломатските напори, Макрон и Бајден разговарале и за подготовките за воведување брзи и строги економски санкции кон Русија во случај на инвазија на Украина.

Францускиот претседател посочи дека би можел да отпатува во Москва, а можеби и во Киев во наредните денови.

Не исклучувам ништо бидејќи мислам дека улогата на Франција, која претседава со Советот на Европската Унија овој семестар, е да се обиде да изгради заедничко решение – порача Макрон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.