По разговорот со американскиот претседал, шефот на француската држава Емануел Макрон денеска ќе разговара со колегите од Русија, Украина и Полска како продолжување на дипломатската иницијатива за политичка разрешница на кризата на руско-украинската граница.

По видео-конференцијата посветена на Украина со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, Макрон рано попладне ќе разговара телефонски со својот полски колега Анджеј Дуда, а вечер со рускиот Владимир Путин и со украинскиот Владимир Зеленски, соопшти Елисејската палата.

– Приоритет е да се најде политички начин за излез од кризата и да се „деескалираат“ тензиите на границата, рече Макрон.

„Во телефонски разговор доцна синоќа, американскиот претседател Џо Бајден и Макрон се обврзаа на силна координација и договор меѓу европските партнери и сојузници“, соопшти Елисејската палата. „Покрај дипломатските напори, тие разговараа и за подготовките за воведување брзи и строги економски санкции кон Русија во случај на инвазија на Украина“, соопшти Белата куќа.

Емануел Макрон посочи дека би можел да отпатува во Москва, а можеби и во Киев во наредните денови.

– Не исклучувам ништо бидејќи мислам дека улогата на Франција, која претседава со Советот на Европската унија овој семестар, е да се обиде да изгради заедничко решение, рече тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.