Две лица се тешко повредени, а уште четири се полесно ранети во напад со нож врз случајни минувачи во северниот швајцарски град Зофинген, на околу 50 километри јужно од Базел и германската граница.

Како што соопшти локалната полиција, има неколку повредени лица. Портпаролот на полицијата за ДПА, додаде дека тие се пренесени во болница.

Полицијата соопшти дека добила повици дека маж нападнал луѓе со нож на локална железничка станица. Напаѓачот потоа избегал во блиската зграда, повредувајќи ги и лицата што ги сретнувал по патот.

Полицијата на социјалните мрежи потврди дека насилникот бил уапсен од специјалци откако два часа се криел во зградата. Според локалната полиција, сторителот, за кој се претпоставува дека дејствувал сам, е идентификуван како странец на околу 40 години.

Мотивот за нападот се уште е нејасен.

Сите шест жртви се во болница со убодни рани. Меѓу повредените има и две учителки од кантоналното училиште во Зофинген и една бремена жена, која се здобила со расекотини на лицето, но нејзиниот живот повеќе не е во животна опасност.

Насилникот добил и лекарска помош бидејќи се повредил со нож.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.