Разликата е прилично голема, инсистира актуелниот претседател Стево Пендаровски во однос на повиците за поддршка кои тој, но и опозицијата ги упатија до гласачите на претседателските кандидати кои не влегоа во вториот круг. Смета дека лидерските договарања не придонесуваат за демократијата во Македонија и затоа тој упатува јавен повик до сите граѓани чии кандидати испаднаа во првиот круг, и до оние кои воопшто не учествуваа во првиот круг, ако се препознаваат во неговиот концепт, да гласаат за тој концепт.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ уште незавршен првиот круг, значи во рамки на кампањата, велеше дека веќе имаат направено коалиција и бараше поддршка од тие коалициони, перспективни коалициони партнери, за претседателскиот кандидат кој тој и тие го поддржуваат. А, по завршување на првиот круг Мицкоски јавно рече дека разговарал и со Таравари, и со Максим Димитриевски, и во неколку наврати потоа го повторува и јавно дека од нив бара поддршка и за претседателскиот кандидат. Значи, директни разговори со лидери за претседателските избори во кои треба ние со нашиот концепт да ги убедуваме граѓаните, без да бараме јавна поддршка и задкулисни договарања и меѓупартиски договарања со другите перспективни коалициони партнери, мислам дека не приличи на највисоката политичка функција во државата, рече Пендаровски.

Партиите разговараат и преговараат, ама граѓаните гласаат, му одговори противкандидатката Гордана Силјановска Давкова.

Јас дури не им велам на граѓаните „гласајте за мене“, туку „искористете го вашето политичко право, едно од најважните, и гласајте по сопствено уверување“. Не можете да им оневозможите на коалициите и на лидерите на партиите меѓу себе да разговараат и преговараат. Инаку, логично е опозицијата да се обединува кога има противник каква што е оваа власт. Толку логично е тоа што се случувало и во собранието, веројатно и совпаѓањето и на претседателските и на парламентарните заедно оневозможува да се постави една линија, цврста, помеѓу она што, кој и како гласа за претседател, и кој како гласа за партиите. Јас не ги повикувам партиите, јас ги повикувам граѓаните, што значи нема тука разлика меѓу мене и останатите. Меѓутоа, ако ги слушаме и лидерите и на другите партии гледаме дека не само што повикуваат, туку и поставуваат услови, рече Силјановска Давкова.

За Пендаровски фактот што Силјановска Давкова беше кандидирана само со потписи на пратениците во Собранието, прави да биде сосема логично партискиот лидер кој ја предлага сега со други партиски лидери да договара дополнителна поддршка за неа.

Бидејќи не е граѓански поддржана, туку е партиите, логично е дека партискиот лидер ги прави тие меѓупартиски, меѓу-лидерски договарања, рече Пендаровски.

Ваквиот став за Силјановска Давкова е хипокризија и цинизам.

Логиката е во нешто друго. Ако господинот пендаровски го поддржале граѓаните, тогаш се треба да оди од договори со вас до финансирањето преку оние 10 проценти, а не 45 плус 45, како што тој и јас настапуваме. Сега, не ми е јасно, кој кого манипулира, одговори Силјановска Давкова



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.