Шеесет и шест ученици од средното училиште „Коста Сусинов“ од Радовиш веќе трет ден немаат превоз до училиштето, соопшти Сојузот на средношколци на Македонија.

Веќе трет ден од работната недела, 66 ученици кои живеат во Конче немаат превоз до нивното училиште СОУ „Коста Сусинов“ кое се наоѓа во Радовиш. Пред сè, мора да кажеме дека конкретниот проблем се провлекува подолго време. Имено, поради пропусти на претходните локални самоуправи во општините Радовиш и Конче, превозниците на ученици по линијата Конче-Радовиш-Конче ги изгубиле своите лиценци бидејќи им истекол рокот. Учениците се соочуваa со сличен проблем во почетокот на ноември, како и на почетокот на второто полугодие, но Сојузот во разговор со сегашниот градоначалник на Општина Конче успеа да го реши проблемот во двата наврата, а средношколците да не изгубат од наставата. Таа соработка е плодна и сега, соопшти Сојузот.

Оттаму потсетуваат дека законска обврска на Општина Радовиш е да организира превоз на ученици.

Сојузот разговараше и со градоначалникот на Општина Радовиш и со претставници на училиштето. Ние знаеме дека се прават напори час поскоро да се организира бесплатен превоз за средношколците и дека се соочуваат со административни и процедурални пречки. Нo не смее да се дозволи 66 средношколци да изгубат цела наставна недела поради администрација или нечија претходна грешка. Затоа, ги повикуваме институциите да ја испочитуваат својата уставна и законска обврска и итно да го решат прашањето на превозот, порача Сојузот на средношколци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.