Почитувани припадници на Армијата и на МО во мене гледате сојузник со кој заедно ќе ги надминуваме сите предизвици. Сите ние заедно пред се почитувајќи се меѓу себе сме дел од еден заеднички тим, тим наречен Република Македонија.  Денес ја преземам функцијата министер за одбрана во едни многу поинакви општествено-политички околности отколку оние што беа во 2017 година. Денес нашата татковина е земја членка на НАТО и тоа не се случи само по себе. Требаше многу труд, посветеност и политичка пожртвуваност за сето ова да стане реалност.

Ова е пораката од министерка за одбрана Славјанка Петровска по денешното примопредавањето на функцијата од Радмила Шекеринска, сега веќе поранешна минситерка за одбрана.

Таа и се заблагодари на Шекеринска и на сите оние, како што рече, кои одлучиле и по цена да бидат критикувани и осудувани да донесат визионерски одлуки чии придобивки се во интерес на граѓаните. Членството во НАТО, истакна Петровска, е признание за вашата работа и еден од најважните делови во поновата македонска историја.  Но, подвлече, членството во НАТО не е само признание на политичките процеси кои се случуваа, туку и на подготвеноста на нашата Армија да ги прифати НАТО-стандардите и принципите на дејствување и постапување на Алијансата.

Свесна за досегашниот влог целосно почитувајќи ги резултатите од реформите и постигнатиот напредок пред мене стои сериозен предизвик – да го сочувам она што досега е постигнато и истовремено да бидам политички двигател во процесите кои ни претстојат. Тоа е мојата обврска кон граѓаните, кон припадниците на Армијата, кон принципите на кои се заснова нашето членство во НАТО, потенцира во обраќањето министерката Петровска.

Најави дека започнатите процеси ќе продолжат со уште поинтензивна динамика, а еден од најважните приоритети во текот на нејзиниот мандат ќе биде одржувањето на стабилно финансирање на одбраната и достигнување на два проценти од БДП за одбранбениот буџет до 2024 година. Како приоритет го наведе и донесувањето на законот за службеници во одбраната со кој ќе се обезбеди фер и достоинствен третман на администрацијата во одбраната, нивниот статус, права и обврски.

Нема силна одбрана без модерна армија.  И токму затоа, ќе продолжат да се имплементираат проектите за опремување и модернизација на Армијата. Нема силна одбрана без задоволни и згрижени припадници на Армијата. За таа цел ќе продолжам да водам сметка за подобрување на условите за работа и животниот стандард на воениот и цивилниот персонал на Армијата, најави новата министерка за одбрана.

Наведе дека ќе продолжи и подобрувањето и обновата на инфраструктурата на воените објекти, како и реновирањето на објекти со имплементација на обновливи извори на енергија и секако ќе продолжи инвестирањето во развојот на армискиот полигон Криволак кој е вреден домашен, но и НАТО-ресурс.

Како што посочи, ќе го одржува високото ниво на транспарентност и интегритет во работеното на МО, притоа водејќи сметка за правична затапеност со што ќе го негуваме мултиетничкиот карактер на нашата земја, а ќе продолжиме и со имплементација на правилни родови и политики грижејќи се и унапредувајќи ја положбата на жените во Армијата и Министерството.

Според неа, мора да се засили и борбата против разните видови на хибридни и кибер закани, за што ќе се вложува многу повеќе во опрема, но и во експерти за кибер одбрана. Развивајќи го Центарот за справување со лажни вести и дезинформации и односи со јавност, најави, ќе настојуваме поуспешно да се справуваме и со овој тип на хибридните закани.

Во обраќањето потенцира дека се продолжува и со учество во меѓународните мировни операции и мисии кои од оваа година ќе се збогатат и со нашиот придонес во НАТО мисијата во Ирак и НАТО мисијата зајакнато истурено присуство во борбената група предводена од Канада во Летонија.

Ја имав честа да и служам на нашата татковина во законодавната и во извршната власт. Горда сум што бев дел од историските успеси кои ги постигнавме заедно и здружени, рече во обраќањето Радмила Шекеринска, при примопредавањето на функцијата министерка за одбрана.

Покажавме, нагласи, дека имаме капацитет да рушиме бариери и да постигнуваме големи нешта. рече Шекеринска.

Оваа институција и претходно имаше силен корен, но ви благодарам што заедно и дадовме крилја, рече таа.

Обраќајќи им се на војниците, подофицерите и офицери, припадници на АРСМ, Шекеринска им порача дека нивната искреност, чесност, професионалност ја  импресионирале и мотивираше да биде и таа секој ден подобра.

Лидерството за мене, истакна таа, никогаш не било прашање на функција, на привилегија, на статус или позиција, туку исклучиво акција, одлуки, преземање одговорност и личен пример.

Шекеринска истакна дека првиот совет што го добила од претставници и делегација од НАТО бил единствениот кој досега не го почитувала, а и рекле – менаџирајте ги вашите и очекувањата на граѓаните.

Не ги менаџиравме очекувањата, туку ги подигнувавме, а потоа заедно ги надминувавме. Убедена сум дека во тоа ќе продолжите. Убедена сум дека резултатите ќе продолжат да следат и тоа ќе биде и моја лична сатисфакција дека системот којшто го поставувавме продолжи да расте. Отсекогаш знаев и дека ни е многу важна слободата и дека заедно се изборивме за неа во неколку наврати, порача Шекеринска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.