Општина Охрид со средства од буџетот ќе субвенционира дел од трошоците за комунални услуги на граѓаните изложени на социјални ризици.

Како што се посочува во денеска објавениот Јавен повик, предвидено е субвенционирање на трошоците за комунални услуги за тековната година за што преку Програмата за социјална заштита во буџетот на Општина Охрид се предвидени 1,5 милиони денари.

Вкупниот износ по субвенција ќе изнесува 703 денари месечно за секој корисник, средства за покривање на трошоците за потрошена вода до 320 денари, за спроведување на отпад до 150 денари, покривање на трошоците за одведување на отпадни и атмосферски води до 150 денари, како и 83 денари за покривање на трошоците за плаќање на гробна такса-гробарина.

Субвенционирање од средствата на буџетот на Општина Охрид ќе можат да користат лицата кои имаат статус на корисник на социјална помош, корисник на постојана парична помош, невработено лице подолго од 12 месеци. За лицата коис е во брак услов е и неговиот брачен другар да е невработен, како и лица кои имаат најмалку 70-постотен инвалидитет или тешка болест, односно нивниот брачен другар или друг член на семејство е со инвалидитет од најмалку 70 отсто има тешка болест и истото исклучиво е утврдено од надлежен орган или комисија.

Мерката за субвенционирање не се однесува на инвалидизираните лица кои се во работен однос.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.