По повод 151-годишнина од раѓањето на Гоце Делчев за в сабота е најавено повеќе делегации да положат цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Во пресрет на чествувањето на годишнината, кое е оквалификувано како настан од висок ризик, видливо е засилено полициско обезбедување.

Поради чествувањето, СВР – Скопје најави дека од денеска во 18 часот презема засилени активности и мерки за подигнување на безбедноста околу црквата „Свети Спас“, како и воведување на посебен режим на сообраќајот во тој реон.

За таа цел за сообраќај ќе биде затворена улицата „Самоилова“, на потегот од улицата „Иљо Војвода“ до крстосницата со улица „Прохор Пчински“. Дополнително посебен режим на сообраќај в сабота ќе биде воведен на улицата „Лазар Личеноски“.

СВР – Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот, со цел осигурување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

(фото: МИА)

Според најавите, почит на великанот на македонската револуционерна борба ќе оддадат претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и претставници на повеќе други институции и политички партии. Засега нема најави дека на чествувањето ќе присуствуваат високи официјални државни претставници од Бугарија.

Премиерот Димитар Ковачевски уште минатата недела изјави дека Министерството за внатрешни работи ќе ги преземе сите мерки согласно законите и Уставот, чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев да мине на достоинствен и мирен начин и дека ќе биде гарантирана безбедноста на сите граѓани во државата. Во тој правец Ковачевски во петокот имаше и телефонски разговор со неговиот бугарски колега Галаб Донев, на кој двајцата премиери се заложија за мирно и безбедно чествување на годишнината од раѓањето на Делчев.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска упати апел за достоинствено чествување на годишнината, порачувајќи дека секој поединец ја носи својата лична одговорност за заедничката безбедност и за демократско однесување. Тој нагласи дека македонската полиција е целосно подготвена да обезбеди услови за достоинствено чествување на годишнината без никакви нарушувања на јавниот ред и мир и дека има капацитети да ја задржи безбедноста, мирот и спокојот на граѓаните.

Околу најавите на претседателот на Здружението „Фондација Македонија“ Виктор Стојанов дека околу 150 лица од Бугарија ќе дојдат на чествувањето на Гоце Делчев, Спасовски вели дека МВР разменува податоци со бугарските колеги, додавајќи дека одлуката за евентуална забрана на одредени личности на настанот ќе зависи од анализите кои се прават и од податоците со кои располага полицијата, со цел да се обезбеди негово мирно и достоинствено одбележување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.