Чешка е голем поддржувач на ЕУ- интеграциите на Македонија и тоа не само со зборови туку и со дела, истакнала претседателката на Домот на пратениците на Парламентот на Чешката Република, Маркета Пекарова-Адамова, на денешната средба со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Џафери, пак, ја потенцирал одличната и интензивна соработка меѓу двете земји на сите нивоа и упатил благодарност до чешката страна за целокупната досегашна помош и поддршка што ја имавме во контекст на нашите евроатлански интеграции.

Уверен сум дека Вашата поддршка и пријателска соработка кон нашата земја ќе продолжи и понатаму со истиот интензитет, нагласи Џафери, се наведува во соопштението од средбата.

Зборувајќи за досегашниот тридецениски трнлив пат на земјата на патот кон ЕУ и НАТО, за предизвиците со кои се соочивме и се соочуваме на тој пат, Џафери изразил надеж дека сето тоа ќе се заврши на најдобар можен начин и конечно ќе ги затвориме сите отворени прашања кои подолг временски период го отежнуваат нашето потполно интегрирање. Тој исто така го поздравил и формирањето на Чешката пратеничка група за соработка со нашето Собрание и изразил лично уверување дека парламентарната соработка ќе продолжи да се развива и понатаму со зголемена динамика.

Претседателката на чешкиот парламент, Маркета Пекарова – Адамова, нагласи дека Чешка е голем поддржувач на ЕУ- интеграциите на нашата земја и тоа не само со зборови туку и со дела и ја потенцираше и досегашната одлична парламентарна соработка и изрази спремност и понатаму да се продлабочи взаемната соработка на сите полиња.

Свесни сме дека Вашиот пат кон ЕУ е тежок но истовремено сме горди и го поддржуваме Вашиот оптимизам и спремност да успеете на овој пат, нагласи Адамова. Исто така, таа, од име на нејзината земја упатила благодарност до Џафери за учеството и партиципацијата во заедничката воена помош кон Украина, како сојузници во НАТО.

Како што се наведува во соопштението од средбата, двајцата соговорници се согласија дека интензивната политичка соработка на сите полиња и во наредниот период ќе продолжи со несмален интензитет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.