Претседателот на државата, Стево Пендаровски во изјава за медиумите по средбата со својот бугарски колега, претседателот Румен Радев оцени дека во изминатите неколку месеци е прилично смирена реториката која доаѓа од Софија кон Скопје и посочи дека тој и Владата се секогаш подготвени да разговараат за актуелни теми од 21. век, а не за историја и прашања од далечното минато.

Тој истакна дека е задоволен што „темата Македонија“ повеќе не доминира во пресрет на бугарските парламентарните избори, закажани за утре.

Можам да забележам дека во изминатите неколку месеци е прилично смирена реториката која доаѓа од Софија кон Скопје во оваа смисла. Моите неколку разговори со претседателот Радев, додуша не на директно или чисто политички теми, го покажуваат истото и го имам истиот тој впечаток. И тоа конечно и му го соопштив на претседателот Радев во првите минути од рагзоворот. Му реков: Претседателе, да ме викавте да дојдам во Софија за да разговарам за Цар Самоил немаше да дојдам никогаш. Бидејќи ме викате за една ваква тема, која е тема на 21 век, не на 10-ти, 15-ти или 19 век. Доаѓам и ќе доаѓам секогаш, 24/7 сум на располагање и јас и Владата за да разговараме за теми за кои не избрале граѓаните и вас и мене и сите нас. Сакам да се вратиме на она што беше пред две години минимум, таа чиста европска агенда и критериуми за влез во Европската унија. Не сакам да разговараме за историја или историјата да доминира што треба да правиме ние што сме бирани во 2019, 2020, 2021, 2022 година, изјави Пендаровски.

За жал, како што додаде претседателот Пендаровски, тоа не не било така во изминатите две години, кога имало или немало избори, кога некои политички субјекти и некои политичари прилично ја користеа „темата Македонија“ за добивање политички поени.

Тој посочи дека ја посетува Бугарија прв пат, во четвртата година од својот мандат, на покана на бугарскиот претседател Румен Радев за да разговараат за енергетската криза во присуство на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.

Пендаровски денеска се сретна со својот бугарски колега, Румен Радев и на средбата, како што соопштија од неговиот кабинет било разговарано за за можностите за натамошно унапредување на политичките и економските односи меѓу двете земји, како и за актуелните предизвици од енергетската криза со која се соочува Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.