Под наслов „Цут Арт“, во Центарот за култура АСНОМ во Гостивар е отворена изложба на уметнички дела, со хуманитарен карактер. Настанот го организира тим на Црвениот Крст Гостивар во склоп на ПХВ Програмата (промоција на хумани вредности), во соработка со техничкото училиште.

Собраните средства од продажба на делата ќе бидат наменети за хуманитарни цели.

Изложбата е од хуманитарен карактер, како и сите останати настани кои ги организираме. Средствата одат за подобрување на нашето општество или се доделуваат на социјално загрозени семејства. Дел од средствата од хуманитарните настани кои ги организираме, се наменети за реновирање на стадион каде младите ќе можат да го поминат своето слободно време, а дел одат за помош на социјално загрозени семејства“, истакна Јована Дабеска од Црвениот крст.

Во изложбата со свои дела, учествуваа учениците: Светлана Петреска, Софија Јованоска, Мина Страшеска, Ајлин Џафери, Едила Равмани, Деспина Василеска, Николина Алексоска, Тамара Србиноска, Атије Пини, Елеонора Манасијеска и Матеа Трпеска, под менторство на професорката Христина Марковска.

Ликовната изложба насловена како „Цут Арт“ претставува сликарски проект реализиран од страна на десетина млади автори чија уметничка визуелна интерпретација проникнува пред сѐ од хуманоста. Авторите во еден процес на наративно спонтано обединување создаваат дела обединети преку идејнотематската концепција со која се претставуваат, а тоа е пејсажот“, вели менторката, Марковска.

Главната цел на ПХВ програмата е вклучување на младите со различна етничка припадност во заеднички проекти за изградба на взаемното разбирање, толеранцијата и културата на дијалог.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.