Беса Илјази, организациската директорка на Клиниката за токсикологија, која не комуницира на македонски јазик, издаде наредба со која на вработените на клиниката им се забранува да даваат изјави на новинарите.

Во Наредбата, објавена на огласна табла пишува:

„Организацискиот директор донесе наредба за забрана за неовластено присуство, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес конференции. Се забранува неовластено свикување на конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично, со што би се нанело штета на интересите и на угледот на клиниката. Средби со новинари само со претходно известување до в.д. организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба подлежи на санкции“, пишува во Наредбата.

Во изминатиот месец почнаа скандалите на Клиниката за токсикологија. Прво вработените преку писмо до медиумите, а потоа и на прес-конфренција укажаа дека директорка Иљази не зборува со нив на македонски јазик, не може да се разберат со неа и не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а е упорна да се вработат 18 лица на кои им истекоа договорите за дело на 31 декември 2023.

Министерот за здравство пред изборите најави, а одма после изборите го разреши медицинскиот директор Данил Петровски, а за организациската директорка Илјази рече дека ќе директорува сѐ додека не го прекрши законот.

Државниот санитарен и здраввствен инспекторат (ДСЗИ) по вонредниот инспекциски надзор утврди дека 5 медицински сестри, 3 болничари, 1 лаборант и 2 биолози четири месеци незаконски работеле на Клиниката за токсикологија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.