Расте евроскептицизмот кај македонските граѓани па само 49 отсто од нив сметаат дека влезот во ЕУ е добра работа, наспроти 34% кои не мислат така, покажуваат резултатите од редовната анкета „Еврометар” на „Евротинк”.

Дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ сметаат 29% од испитаниците, што е цели 12 проценти повеќе од анкетата во 2021 година. Сепак, 58 проценти од испитаниците веруваат дека ЕУ е најдобра алтернатива за Македонија, а 33 проценти мислат дека не е.

За 17 отсто од испитаниците односот на ЕУ кон земјата е „фер, пријателски и коректен“, а за 65 проценти тој е „нефер, надмен и уценувачки“. Колку за споредба, во 2021 година 30 проценти сметале дека односот е фер, а 48 проценти сметале дека е нефер.

На прашањата за фундаменталните општествени вредности, високи 61% од испитаниците одговориле дека во земјава нема демократија, а 72 отсто од нив сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока.

Што се однесува до промената на Уставот, 38 отсто од граѓаните сметаат дека ќе се смени, додека негативен став имаат 39 отсто. Одговорот бил „не знам“ кај 21 отсто од анкетираните, а 2 проценти одбиле да дадат одговор.

На прашањата околу загриженоста дали некоја држава или меѓународна организација претставува закана за Македонија, 42 отсто одговориле дека сметаат дека постои закана, а најголема закана гледаат од Бугарија (27%) и Русија (4%). Високи 37 отсто од испитаниците ја навеле Србија како најголем пријател на Македонија, потоа следуваат САД со 11,4 отсто, Турција со 8,4, ЕУ со 8,1 и Германија со 4 отсто, а 11,6 отсто велат дека земјата нема пријатели.

Традиционално граѓаните и сега имаат највисока доверба во Армијата (39%)., религиските институции се на второто место со 32%, а потоа е полицијата со 21%, по што следат невладините организации, претседателот, Народниот правобранител и Владата. Најмалку доверба граѓаните и оваа година имаат во обвинителството (7%) и судството (6%).

Дека институциите неуспешно ја водат борбата против корупцијата кажале дури 71 отсто од анкетираните граѓани.
Анкетата е спроведена во декември лани од „Брима” при што ставовите се оценуваат од еден до пет, а оценките за „добра работа“ се изведени од изјаснувањата за 4 и 5.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.