Неодговорноста, неспособноста и криминалот на оваа власт на СДСМ и ДУИ ја турнаа Македонија во економски колапс, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева, нагласувајќи дека последната најава за ново задолжување од речиси една милијарда евра само го потврдува тоа.

Митева потенцира дека ова задолжување кое го најавува власта не е за развој, не е за изградба, не е за нови капитални инвестиции, туку за покривање на дупки и обезбедување на ликвидност.

Тоа е поразително. Според информациите во јавноста власта ќе побара од ММФ 900 милиони евра за сервисирање на основните обврски, поради катастрофалната состојба со буџетот. Досегашната состојба со долгот и така беше катастрофална, а сега уште повеќе ќе се влошува. Ако долгот до сега беше над 60% од БДП, сега со новите задолжувања ќе се зголеми на над 63%. Годинава ја почнавме со надминување на психолошката граница од над 7 милијарди долг, а веројатно до крајот на годинава ќе се доближиме до нова психолошка граница од над 8 милијарди евра долг, рече Митева.

Митева додава дека оваа власт на СДСМ и ДУИ за 5 години власт ја задолжи Македонија речиси колку сите влади заедно.

Кога дојдоа на власт долгот изнесуваше 4,7 милијарди евра, а сега галопирачки достигнува над 8 милијарди евра. Само во последните три години генерираа нов долг кој е еквивалентен на 1.250 евра по граѓанин.

Во исто време ја заковаа Македонија на дното од земјите во регионот по странски директни инвестиции, реализација на капитални инвестиции и раст на БДП нема. Со други зборови се што собраа од даноци и се што се задолжија отиде на покривање на елементарни државни функции и на многу криминални тендери, физибилити студии, непродуктивни трошоци за службени возила, позлатени прибори, фстаци, режани цвеќиња, жардињери, мебел и слични луксузи.

Ова мора да престане. Ваквата состојба мора да се смени. Тоа е можно само со нови предвремени избори кога главните виновници за економскиот колапс, СДСМ и ДУИ ќе бидат поразени, потенцира Митева.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.