До Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) лани се поднесени вкупно 515 приговори кои се однесуваат на незадоволство на корисниците од квалитетот на услугата за говор и интернет во мобилна телефонија, преносливост на број, фиксна телефонија, кабелски интернет, говор и интернет во роаминг, кабелска телевизија.

Од вкупниот број поднесени приговори до АЕК, кај 41 процент постапката е запрена заради постапување на операторот во текот на решавање на предметот, 22 проценти се позитивно решени од страна на АЕК, 27 проценти се негативно решени, а кај еден процент од предметите се спровело посредување и двете страни се спогодиле. За девет проценти регулаторното тело не било надлежно за проблемот за кој се приговара, поднесувањето на приговорот било ненавремено или документацијата била некомплетна.

Од регулаторното тело за годинава најавуваат дека ќе се намали дигиталниот јаз помеѓу корисниците што имаа можност да пристапат до интернет и оние што досега немаа таква можност, во согласност со новите договори со давателите на универзалната услуга. Во новата година за граѓаните треба да станат достапни и 5Г-услуги за што е во тек тендер, а се најавува и влез на нов мрежен мобилен оператор.

На крајот на 2021 година АЕК склучи нови договори за универзалната услуга, кои ќе бидат во важност пет години. По спроведена анализа и оцена на поднесените понуди за даватели на услугите опфатени со универзалната услуга, АЕК донесе одлука дека за давател на услугата „Обезбедување пристап на фиксна локација“ и „Обезбедување телефонски услуги“ се определува „Македонски телеком“, за „Обезбедување целосен телефонски именик и целосна телефонска служба за информации“ –  „Р3 Инфомедиа“, а за „Јавни телефонски говорници или други јавни пристапни точки за обезбедување на говорни телефонски услуги“ – „А1 Македонија“.

Во рамки на овие договори, давателот на универзална услуга за поврзување на краен корисник на фиксна локација со јавна комуникациска мрежа треба да обезбеди пристап до интернет со брзина од 12 Mbps по прифатливи цени за сите домаќинства што досега немаа можност да се поврзат на интернет со некоја од достапните технологии. Станува збор за домаќинства во оддалечени локации за кои операторите немаа комерцијален интерес да инвестираат и да обезбедат пристап и пренос на податоци за да се обезбеди ефикасен пристап до интернет. Овие домаќинства имаат можност да се поврзат на интернет преку некоја фиксна или мобилна технологија во зависност од пристапноста и конфигурацијата на теренот. Овој оператор обезбедува пристап и терминална опрема за пренос на податоци со брзина доволна да се обезбеди ефикасен пристап на интернет од 12 Mbps и за учениците со посебни образовни потреби во редовните и посебните основни и средни училишта, во согласност со законите за основното и средното образование – велат од АЕК.

Според АЕК, со ваквите обврски, кои ги обезбедува давателот на универзална услуга, ќе се намали дигиталниот јаз помеѓу корисниците што имаа можност да пристапат до интернет и оние што досега немаа таква можност. Со договорот за давател на универзална услуга склучен во 2016 година, чија  важност заврши на крајот на 2021 година, минималната брзина на пристап до интернет беше 2 Mbps. Сега веќе е усвоено интернет-брзина за секој краен корисник што е дел од универзалната услуга да изнесува 12 Mbps.

Тоа значи пристап до интернет со задоволителна брзина и во најоддалечените рурални подрачја на државата каде што сите граѓани, вклучително и учениците, ќе добијат стабилен интернет-пристап и останати телефонски услуги. Се очекува ова да им биде од помош најмногу на учениците со учење од далечина, како и на стопанствениците во тие подрачја. Минимална брзина од 12 Mbps во Европа, во моментов има само во државава. Само две земји членки на ЕУ, Словенија и Шведска, имаат дефинирана минимална брзина од 10 Mbps, a останатите земји членки на ЕУ имаат помала брзина и од 10 Mbps.

Во согласност со Законот за електронски комуникации, универзална услуга е минимален пакет од услуги со определен квалитет, достапен по прифатлива цена за сите крајни корисници во државава без оглед на нивната географска локација. Тоа значи дека давателот што е избран да обезбедува универзална услуга треба да им ја обезбеди на корисниците со пропишаниот минимален квалитет дури и на оние места каде што операторот нема комерцијален интерес за обезбедување услуги, а притоа цените на услугите да бидат еквивалентни на оние што ги имаат другите крајни корисници на комерцијална основа.

По брзина на интернет сме петти во регионот, а 29. во Европа

Брзината на кабелскиот интернет во државата, а во однос на останатите држави од регионот и членките на ЕУ, е на многу задоволително ниво, велат од АЕК за МИА.

Во зависност од начинот на пресметување и приказ, појаснуваат, самата анализа е различна од причина што различни резултати се добиваат доколку пресметките се прават по корисник, по можност за пристап од страна на операторите и по вкупен број жители во државата, како и по целокупна покриеност со интернет во државава.

Имајќи предвид дека покриеноста на државава со широкопојасен интернет, брз интернет и супербрз интернет е различна, како и дека населеноста е на пониско ниво во руралните средини, па оттука и покриеноста во таквите средини е на ниско ниво. Севкупно може да се каже дека и да се пресметува по четири различни начини, Македонија во регионот е на петто место од десетте држави на Балканот и на 29. место од 52 држави во Европа. Според податоците од септември 2021 година, можност за пристап до брз интернет (брзина од над 30 Mbps) во државава имаат 82,54 проценти од населението, а во ЕУ е над 86 проценти. Можност за пристап до супербрз интернет (брзина од над 100 Mbps) имаат 63,1 проценти, а во ЕУ е над 60 проценти –  информираат од АЕК.

Kако што посочуваат од агенцијата, во однос на безжичниот интернет, може да се каже дека операторите во државава обезбедуваат мрежи/услуги со значително висок квалитет. Потврда за ова е објавеното рангирање за квалитетот на мрежите во Европа на ниво на држави од страна на порталот www.connect.dе во рубриката Топ тема на 5 мај 2020, каде што Македонија е позиционирана на високото второ место со 193 поени веднаш зад Холандија со 914 поени, а пред Австрија со 902 поени и Швајцарија со 899 поени.

Тоа е само потврда за правилните политики што ги спроведува АЕК во делот на стимулирање на операторите да инвестираат во најнови технологии и секако во спроведување на законската регулатива. Секоја година АЕК спроведува кампања за мерење на параметрите за квалитет на услугите што ги обезбедуваат операторите преку јавни радиокомуникациски мрежи и ги објавува на веб-страницата www.komuniciraj.mk, каде што на едноставен, разбирлив, компаративен и транспарентен начин корисниците можат да се информираат за квалитетот на услугите – велат од АЕК.

Алатката на АЕК со која корисниците можат самостојно да измерат брзина на интернет-услуга што се обезбедува преку кабелска мрежа е објавена на https://speedtest.aek.mk. Во последните два месеца, поради технички проблеми, не е во функција, но како што велат од АЕК, се работи на отстранување на проблемот. Во текот на 2021 година до АЕК се поднесени вкупно 107 приговори по оваа основа, a во 2020 година имало 67 такви приговори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.