Во првиот квартал од минатата година, 86,4 проценти од Македонците на возраст од 15 до 74 години користеле интернет, наспроти 81,4 отсто во претходната година. Притоа, 87,8 проценти од мажите користеле интернет за разлика од 85,1 отсто од жените. Дури 80,5 проценти од Македонците биле активни на интернет на дневно ниво, а во однос на родовата распределба, мажите повеќе користеле интернет од жените. Соодносот е 82,6 наспроти 78,4 отсто.

Интернетот лани најмногу се користел за телефонирање, односно 90,6 проценти, потоа за следење на социјалните мрежи (85,2 отсто) и за размена на пораки преку Скајп, Месинџер, Ватсап, Вибер… (82,3 проценти).

Според Државниот завод за статистика, е-трговијата во првиот квартал лани бележи раст од 15,5 проценти. Спроведената анкета во првото тримесечје од годинава во која испитаниците се изјасниле за направените онлајн нарачки и купувања во последните 12 месеци, покажува раст, односно 46,3 отсто од интернет-корисниците нарачале/купиле онлајн во последните 12 месеци наспроти 40,1 процент во однос на истиот период минатата година.

Како и минатите години, најмногу се купувало облека, вклучително и спортска опрема, а за разлика од порано, сега Македонците најмногу купуваат од домашни е-продавници (84,4 проценти).

Значаен скок во користењето на интернет-услугите има кај е-банкарството. За разлика од 2020 година, кога само 15,2 отсто од населението ги користело услугите на е-банкарството, во текот на 2021 година бројот е двојно зголемен, односно 31,1 процент од населението користи интернет за е-банкарство.

Во првата половина од минатата година вкупната вредност на онлајн трансакциите изнесувала 233 милиони евра, од кои 83 проценти се кон домашни е-продавници, а отворени се над 200 нови е-продавници. Лани беа отворени 439 нови виртуелни продавници, а на крајот од годината имало вкупно 1.459 електронски продажни места, односно е-трговци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.