Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишна скопјанка осомничена за грабнување на бебето вчера во Скопје, што е кривично дело според член 141 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Од ОЈО денеска објаснуваат дека вчера, во сутеренскиот дел на Градскиот трговски центар – Скопје, осомничената го грабнала новороденчето старо седум дена откако родителите на бебето ја замолиле да го причува бебето додека купат за јадење, по што таа им се понудила да им помогне да ги однесе до Поликлиниката Бит Пазар. Наместо тоа, осомничената го зела бебето и со такси тргнала кон Ѓорче Петров, а потоа и кон нејзиниот дом, каде полициски службеници успеале да ја пронајдат и да ја приведат.

Според ОЈО, целата оваа ситуација траела четири часа, а осомничената предизвикала и опасност за загрозување на здравјето на бебето.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор на осомничената, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и можност дека ќе се обиде да ги прикрие трагите на кривичното дело и да ја попречува истрагата.​​

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.