Премиерот Еди Рама пред членките на Советот за безбедност на ОН не успеа да ги скрие емоциите на приемот организиран од Албанија во Њујорк, велејќи дека привремениот мандат во овој Совет не е само достигнување за неговата земја, туку, е остварување на сонот во неговата политичка кариера.

Само нескротлива имагинација би имала храброст да сонува за такво нешто пред само три децении. Дури и се сомневам дека и најнескротливата имагинација не можела да биде толку разуздана за да сонува за ова пред три децении. Во тоа време Албанија беше бункер во темнина. Речиси половина век таа ползеше под еден од најугнетувачките комунистички режими во Европа, што ја направи нашата земја, морам да кажам, Северна Кореја во Европа, рекол Рама, пренесува Ора њуз.

Според истиот извор, за разлика од неговите политички говори во Албанија, пред претставниците на ОН, премиерот Рама ја покажал скромноста на моќта на неговата земја пред големите сили.

Ние не носиме материјална моќ во Советот за безбедност, барем не сега, но моќта не е она што му недостига на Советот за безбедност. Посветени сме на внесување на нашиот глас, вредности и норми во заедничката работа на Советот за безбедност, како придонес за мирот. Сакаме да ги споделиме со другите искуствата што сме ги преживеале, научените лекции, додал тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.