Доколку треба да избере, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе ја избере ЕУ пред Русија, пишува германскиот печат. Отсуството на Сергеј Лавров беше моќна лекција по географија, која покажува каде е Србија, пишува „Дојче Веле“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров не можеше да го посети Белград во понеделникот (6-ти јуни), откако српските соседи му забранија прелетување на неговиот авион. Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) пишува дека вака пропаднала средбата на претседателот на Србија и „човекот кој со години ги разубавува војните на Путин на меѓународните сцени“.

„И имаше важни теми за разговор“, потсетува весникот на договорот со Гаспром од кој Србија – барем така тврди Вучиќ – треба да добие гас по добра цена уште три години. Веста најмногу се толкува како руски шеќер за односот на Србија кон Кремљ, пред се поради одбивањето да се приклучи на санкциите. Но, не може да се занемари дека Вучиќ веќе некое време се обидува претпазливо да се оттргне од Путин, наведува франкфуртскиот весник.

Еден показател за тоа се повремените критички извештаи и изјави во империјата на телевизиите, порталите и таблоидите, кои ги водат блиските луѓе на Вучиќ, и кои секогаш известуваат во негова корист“, додава весникот, истакнувајќи дека во тие медиуми дури и се слушнало дека „Лавров е гостин кој сам се поканил“.

Ваквите нијанси покажуваат дека српскиот претседател не е првенствено идеолог, туку прагматичен моќен човек. „Тој нема ништо против да објави братство со Русија, кога тоа му користи политички дома, но не сака да влезе во крвно братство среде војната со Русија, што на крајот може да ја уништи српската економија, вели авторот на написот Мајкл Мартенс.

Во текстот се додава дека во Белград кружи приказната од чаршијата дека германскиот канцелар Олаф Шолц би можел да ја откаже посетата на Србија доколку Лавров дојде порано, а на таа тема на ТВ Пинк зборуваше дури и Вучиќ.

Овој благ пресврт покажува дека во сегашните услови политиката на Вучиќ на замавнување меѓу Исток и Запад е тешко да се одржи“, се вели во текстот. „Може да се случи на Кремљ да не му се допаднат идните одлуки на Србија.

Во написот се потсетува дека Вучиќ пред неколку години цитираше изјава која му се припишува на американскиот писател Амброуз Бирс: „Војната е начин Бог да ги научи луѓето географија“.

И српските русофили деновиве научија лекција по географија. Србија можеби се граничи со Русија во нивните фантазии, но на картата е поинаку. Вучиќ ја знаеше оваа едноставна вистина и порано, а сега со неа се управува максимално, пишува ФАЦ.

Берлинскиот „Тагесцајтунг“ наведува дека Лавров во Белград, покрај разговорите за гасот, сакал „да ја охрабри Србија да не следи ниту една од санкциите што ги бара Европската унија“.

Србија со години гази по јајца меѓу Брисел и Москва“, пишува весникот. „Од една страна, претседателот Александар Вучиќ повторува дека Србија има волја за влез во ЕУ, а од друга страна, Русија на Путин ужива големи симпатии меѓу националистичките партии во Србија и православната црква, а тоа важи и за војната во Украина.

Повеќе на „Дојче Веле“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.