Меди Али, еден од „станарите“ на хотелот за имигранти во кој е сместен и светскиот рекет број 1, на социјалните мрежи изрази жалење за тоа дека никого не го интересира нивната судбина, туку сите им се јавуваат да прашуваат како е нивниот најнов сосед. Вели дека е навистина тажно тоа што многу новинари му се јавуваат за наводно да направат приказна за него, а всушност ги интересира само Ѓоковиќ.

„Ова е жално и тажно, во овој кафез сум девет години, животот ми помина тука, а денеска наполнив 24 години, а вие ме прашувате како е Новак Ѓоковиќ. Ми се јавувате божем ќе правите приказна за мене, а второто прашање е – како е Ноле?“, пишува Али на Твитер.

Тој е мигрант од Иран, кој тргнал да бара подобар живот како прогонет припадник на арапското малцинство Ахвази, а од Џакарта на 15 години стигнал во Австралија со брод. Бродот бил запрен од австралиските власти. Патниците биле пренесени во фабрика на Божикниот Остров, австралиска територија која се наоѓа близу до брегот на Индонезија. Таму бил 90 дена, по што бил одведен во имиграциски логор на островот Науру. По шест години, заради медицински третман, бил пренесен во Мелбурн и од 2019 година е притворен во хотелот „Парк Карлтон“. Вели дека не е криминалец, ниту некогаш го прекршил законот.

„Полека стареам. Тажен сум затоа што моите тенејџерски денови минаа на ваков начин. Не сакам одовде да заминам како средовечен, со изгубени години. Гледам како млади луѓе се забавуваат, постираат разни работи на социјалните мрежи, а јас сум далеку од сето тоа. Овде сум и натаму, секој ден. Посебно ми е тешко на родендените. Тогаш размислувам за изгубеното време. Не се случува ништо ново во врска со мојот статус, нема информации, нема рокови, гаранции. Многумина беа пуштени, само мене и натаму ме држат овде. Зошто, се прашува соседот на Ѓоковиќ.

 

Пред хотелот се одржуваат демонстрации на кои се бара ослободување на сите лица кои се сместени во него. Австралија важи за земја која има искучително строго законодавство во однос на имиграцијата. Голем број имигранти со години чекаат да им се одговори на барањето да добијат виза за престој и за работа.

djokovic-novak-australia
EPA-EFE/JOEL CARRETT AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT
Ноќевање во хотелот во кој е сместен Ѓоковиќ чини 104 австралиски долари или околу 4050 денари. Се води како „луксузен хотел со 4,5 ѕвезди сместен на одлична локација“. Во почетокот на ковид пандемија, во 2020 година се користел и како објект за карантинско сместување.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.