Младиот и успешен моден фотограф од Киев, Вова Клевер, никогаш не се гледал себеси во војна. „Насилството не е мое оружје“, вели тој.

Многу брзо откако Русија ја нападна Украина, а Украина им забрани на сите способни мажи на возраст меѓу 18 и 60 години да ја напуштат земјата, Клевер тајно побегна во Лондон. Со помош на шверцери избегал преку Унгарија за пет илјади долари.

Но, неговата грешка е што му напишал на својот пријател за тоа.

Пријателот ја изневерил неговата доверба и нивниот разговор го објавил на социјалните мрежи. Преписката набрзо стана вирална и ги разбесни Украинците.

Ти си мртовец што оди. Ќе те најдам во кој било агол на светот, гласи една од многуте заканувачки пораки на Твитер испратени до Клевер.

Во интервју за „Њујорк тајмс“ тој се обиде да се оправда, велејќи дека има слаб вид и дека во последно време „минува низ многу“.

Не можете да замислите толкава количина на омраза, рече тој, потсетувајќи се на пораките што ги добил.

Но, Клевер не е единствениот кој избега од војната.

Борбата или бегството на безбедно од разурната од војна Украина стана морална дилема за многу украински мажи. Според регионалните власти, досега илјадници мажи ја напуштиле земјата за да избегнат војување.

Шверцерите во Молдавија, а можеби и во други европски земји како Полска и Унгарија, водат профитабилен бизнис. Некои Украинци платиле и до 15.000 долари за тајните ноќни прекугранични возења, велат молдавските власти.

Сепак, мажите кои ја избегнуваат својата должност се исклучок, што уште повеќе им ја отежнува ситуацијата, пишува „Њујорк тајмс“.

Дури и некои од оние кои се убедени дека заминале од вистински причини, чувствуваат вина и срам.

Мислам дека не можам да бидам добар војник. Па, погледнете ме! Носам очила, имам 46 години. Не изгледам како војник кој може да се бори против руските војници, вели програмерот Володимир, кој побегна веднаш по почетокот на војната, додека седи во паб во Варшава и пие пиво.

Но, признава: „Да, се срамам. Избегав од војната и тоа е мојот крст“.

Украинските политичари се заканија дека ќе ги испратат дезертерите во затвор и дека ќе ги запленат нивните домови. Но, како што руските бомби продолжуваат да уништуваат сè повеќе и повеќе, украинското општество е поподелено.

Соседната Молдавија, која дели речиси 1.300 километри граница со Украина, стана омилена дестинација за многумина.

За разлика од Унгарија, Полска, Романија и Словачка, Молдавија не е во Европската унија и има значително помалку ресурси за гранична контрола. Таа е исто така една од најсиромашните земји во Европа и затоа е соодветно пристаниште за шверцери на луѓе и организирани криминалци.

Само неколку дена откако Русите ја започнаа инвазијата на Украина, молдавската полиција откри банди кои на Телеграм почнаа да нудат превоз, па дури и минибуси, за шверц на дезертери.

Средбите се организираат во делот на „зелената граница“ – термин што се користи за неоградени гранични области – и тоа доцна во ноќта.

Молдавската полиција соопшти дека од крајот на февруари разбиле повеќе од 20 шверцерски синџири и фатиле 1.091 Украинец во обид да ја преминат границата.

Откако ќе бидат фатени, мажите имаат избор – ако не сакаат да бидат депортирани, можат да бараат азил во Молдавија.

Околу илјада мажи досега поднеле барање за азил, а помалку од сто се вратени. Други две илјади Украинци, кои илегално влегле во Молдавија, исто така побарале азил. у



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.