Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ќе ја посети Украина како дел од дипломатските напори за одвраќање на можна руска инвазија на земјата.

Џонсон ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да разговара за десетиците илјади руски војници собрани во близина на украинската граница, за кои Западот стравува дека се подготвуваат за напад. Според соопштението од Кабинетот на британскиот премиер, тој со Зеленски ќе разговара и за стратешката поддршка што Британија може да и ја понуди на Украина.

САД, ЕУ и Велика Британија велат дека Русија има способност да дејствува против Украина, а Џонсон предупреди на катастрофа доколку Москва го стори тоа.

Ја повикуваме Русија да се повлече и да се вклучи во дијалог со цел да се најде дипломатско решение и да се избегне понатамошно крвопролевање. Право на секој Украинец е да определи како ќе биде управуван. Како пријател и демократски партнер, Британија ќе продолжи да го поддржува суверенитетот на Украина над оние кои сакаат да ја уништат – изјави Џонсон пред неговото пристигнување во Украина.

Велика Британија во понеделникот соопшти дека секоја руска акција против Украина ќе предизвика санкции без преседан против руските компании и луѓето тесно поврзани со Кремљ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.