Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот мексикански колега Андрес Мануел Лопез Обрадор изразија заедничка желба да се справат со миграцијата и трговијата со дрога, пренесуваат странските агенции.

Бајден се состана со својот мексикански колега на крајот од четиридневната дипломатска турнеја во Кина и другите земји во Азиско-пацифичкиот регион.

Мексико и САД се обединети. Тоа може да се види во нашата соработка на полето на безбедноста – работиме рамо до рамо во борбата против трговијата со оружје, организираниот криминал и епидемијата од опиоиди, вклучувајќи го и фентанилот“, изјави американскиот претседател.

Лопез Обрадор, од своја страна, ги дефинираше односите меѓу Вашингтон и Мексико како почитувани и засновани на соработка и го пофали Бајден за неговата имиграциска политика, нарекувајќи го „исклучителен претседател“ и „човек со убедувања“.

Во однос на борбата против наркотиците, Мексико е посветено да продолжи да помага во спречување на зависноста од дрога и фентанил. Ние сме целосно свесни за штетата што ја нанесуваат на младите во САД“, додаде мексиканскиот претседател.

Како што наведуваат агенциите, САД регистрираа рекорден број илегални имигранти кои влегле на границата со Мексико откако Бајден е претседател. Многу од неговите противници го користат ова како аргумент против неговата кандидатура за реизбор за претседател на гласањето следната година. Покрај тоа, републиканците го критикуваат Бајден дека не направил доволно за да го запре трансферот на фентанил од Мексико.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.