Американскиот претседател Џо Бајден вечерва со воз од Украина пристигна во Полска, по ненајавената посета на Киев, јави полската новинска агенција ПАП.

Бајден пристигна на железничката станица во Пжемисл, во југоисточна Полска, околу 20:30 часот по локално и средноевропско време, додаде ПАП.

Бајден за време на неговата посета на Украина: Путин мислеше дека Западот е поделен, но погреши

Во понеделникот, за време на ненадејната посета на Киев, тој прошета низ центарот на тој град со неговиот украински колега Володимир Зеленски, ветувајќи дека ќе биде покрај Украина колку што е потребно.

Бајден и Зеленски одеа рамо до рамо до киевската катедрала додека во позадина се огласија сирените за воздушен напад.

„Кога Владимир Путин ја започна својата инвазија пред речиси една година, мислеше дека Украина е слаба, а Западот е поделен. Мислеше дека може да не издржи. Но, погреши“, рече Бајден и најави дека американската поддршка нема да престане.

„Цената што Украина мораше да ја плати е исклучително висока. Жртвите беа преголеми. Знаеме дека ќе има тешки денови, недели и години пред нас“.

Бајден вети воена помош за Украина

Американскиот претседател вети нова воена помош вредна 500 милиони долари, која вклучува артилериска муниција, противоклопни системи и противвоздушни радари. Тој најави и построги санкции против Русија.

„Оваа посета на американскиот претседател на Украина, прва по 15 години, е најважната посета во целата историја на украинско-американските односи“, рече Зеленски. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја нарече посетата сигнал за Русија дека „никој повеќе не се плаши од неа“. Во петок, на 24 февруари, ќе се наврши една година од почетокот на рускиот напад.

Ројтерс пишува дека посетата на Бајден е темпирана пред големиот говор на Путин во вторник, за кој руската телевизија веќе го започна одбројувањето. Рускиот претседател треба да ги претстави целите за втората година од она што започна како „специјална воена операција“ во Русија, а сега е „прокси“ војна против САД и НАТО.

Москва и во понеделник добива сигнал за поддршка, со доаѓањето на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји. Кина досега беше јавно неутрална по прашањето за руската инвазија, а во последните денови Вашингтон изрази загриженост дека Пекинг би можел да почне да и испорачува оружје на Русија. Зеленски денеска во интервју за Die Welt предупреди дека тоа може да започне светска војна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.