Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји денеска во Будимпешта го истакна блискиот однос на Кина и Унгарија во однос на украинското прашање и го обвини Вашингтон дека „долева масло на огнот“ со тврдењето дека Пекинг сака да испорачува оружје на Русија.

Кина е подготвена да соработува со Унгарија и со „другите мирољубиви земји“ за „да стави крај на сегашната војна во Украина“, рече Ванг Ји на прес-конференција со унгарскиот колега Петер Сијарто.

„Сакаме страните да се вратат на преговарачка маса“, изјави кинескиот претставник кој е на европска турнеја.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто го поздрави ставот на Кина дека мирот треба да се воспостави што е можно поскоро.

Ванг Ји, кој изминативе денови беше во неколку европски градови, присуствуваше на Минхенската безбедносна конференција, а по посетата на Будимпешта заминува во Москва.

Претходно во текот на денот, кинеската влада негираше дека планирала да и достави оружје на Москва за да ја поддржи нејзината офанзива во Украина, како што тврдеа САД.

Кина никогаш не ја поддржа или јавно ја критикуваше офанзивата и постојано ја изразуваше својата поддршка за Москва во лицето на западните санкции, наведува агенцијата Франс прес.

Неколку дена пред првата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина, на 24 февруари, унгарскиот премиер Виктор Орбан го прими Ванг ји на приватна вечера, пренесе агенцијата МТИ.

Од почетокот на руската инвазија, Орбан зазеде двосмислена позиција, гласајќи за санкциите на ЕУ, но не давајќи никаква воена поддршка на Киев, за разлика од другите земји на НАТО, чиј член е Унгарија.

Во исто време, Будимпешта води политика на зајакнување на економските и културните врски со Кина, што донесе критики од американскиот Стејт департмент.

Орбан постојано го користеше правото на вето за да ги блокира изјавите на ЕУ кои ги критикува Пекинг.

Денес, Ванг Ји ја поздрави „прокинеската политика“ и се заблагодари на Будимпешта за поддршката на нејзините легитимни позиции на меѓународните и мултилатералните форуми.

„Иако Кина и Унгарија се географски оддалечени, билатералните односи се одвиваат исклучително добро“, рече Ванг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.