Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, соопшти дека во најкраток рок ќе биде екстрадиран Љупчо Палевски откако претходно Министерството за правда соопшти дека е одобрена екстрадицијата од турските власти.

Во текот на денешниот ден добивме информација од Секторот за меѓународна полициска соработка дека е одобрена екстрадицијата за предметното лице, со тоа што нашите полициски службеници се во комуникација со турските колеги и се очекува во наредниот период да утврдат се што е потребно од аспект предметното лице кое е прогон од страна на Обвинителството на РМ, да биде изнесено пред лицето на правда, изјави Тошковски.

Прашан дали има конкретен рок кога треба да се испорача Палевски, министерот за внатрешни работи изјави дека нема конкретен рок, но дека Палевски ќе биде екстрадиран во земјава најбрзо што може.

Министерството за правда денеска соопшти дека е добиено официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена. За МИА оттаму посочија дека е завршен судскиот процес и административната процедура и сега останува само да се реализира трансферот.

Палевски е првоосомничен за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.