Во обраќањето пред Унијата на млади сили претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се осврна и на нужноста од избори. Мицкоски зборуваше дека власта не сака предвремени избори затоа што на анкетите значително губи и затоа што знае дека нема легитимитет од народот.

Владата се крие од својот народ. Опстојува како хибридна форма, во заробените институции кои немаат поддршка од народот, рече Мицкоски.

Бега од избори затоа што знае дека на избори ќе изгуби дебело, а тој пораз е цената што ќе ја плати за неработењето, криминалот и пропаста што ја донесоа, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Имаме реприза на транзицијата. Она што е различно е што дозволивме сево ова да ни се повтори. А не смееме. Затоа мора да го промениме тоа, рече Мицкоски.

Тој рече дека власта го осоримашила народот.

Инфлацијата драматично го јаде семејниот буџет. А растот на минималната плата или она враќање на дел од парите кои им ги украдоа на пензионерите, а го нарекуваат покачување ниту од далеку не го покрива поскапувањето кое го имаат семејствата во секојдневието. Бензините поскапи за повеќе од 70 проценти, струјата за повеќе од 30 проценти, зејтинот за повеќе од 60 проценти. И замислете на вакво едно сеопшто покачување СДСМ излегува и вели со антикризните мерки на Владата за 4 000 денари се намалени месечните сметки. И оваа објава ми личи на оној вицот кога еден постар господин вработен во трафика го прашува муштеријата кој побарал кутија цигари колку години има. – 32, одговара овој, а тој му вратил: „Ако не пушеше ќе имаше 42“. Така некако и владата. Ни велат ако не беа нашите лаги, вие со вистината и беспарицата полошо ќе живеевте.

Фалбите на владата дека прекрасно се живее во државава, има раст на минималната плата, проблемите се решаваат и другите светски успеси кои всушност се порази, за Мицкоски се само доказ колку се далеку од реалноста и дека во земјава владеат два паралелни света. Еден во кој е владата со нејзините лаги, другиот во кој живееме сите останати и народот. Свет на сурова реалност, на сиромаштија, иселување и на криминал со кој го ограбуваат народот. На луѓе кои едвај врзуваат крај со крај.

Токму затоа, во целост ВМРО-ДПМНЕ го поддржува барањето на синдикатите за зголемување на платите преку нивно изедначување со коефициентот на тежина на работните места утврден со колективните договори. И тоа покачување мора да биде опсежно и да опфати што е можно повеќе луѓе чии буџети се сериозно нагризени од растечката инфлација. И ако од владата се жалат дека нема пари, пари има. Само треба да се затвори главниот вентил низ кој се истураат кофите пари на криминал и тендери. Државата мора да покаже грижа за нејзините луѓе и покачување на платите мора да има.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.