Професорката Родна Живковска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје не доби поддршка од Комисијата за прашања на изборите и именувањата да биде уставна судијка.

Таа доби само три гласа „за“, сите од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, додека нивните колеги од мнозинството гласаа против.

Живковска беше предложена од опозициската партија заедно со уште петмина други кандидати, додека власта предложи три имиња.

Откако не ја доби поддршката, на седницата на собраниската Комисија почна дебатата за правничката Татјана Васиќ-Бозаџиева, која е предлог на СДСМ.

Нејзината кандидатура опозицијата ја нарече комична прашувајќи како таа е поистакнат правник на професорката Живковска која неодамна ѝ била ментор на Васиќ за магистерскиот труд од областа на граѓанското право.

Татјана Васиќ-Бозаџиева, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ, е фантастична и одличен кадар за Уставен суд ама како администратор кој стручно ќе помага во работата, а никако како судија.

Од вкупно девет имиња Комисијата за прашања за изборите и именувањата треба да предложи тројца кои потоа треба да бидат изгласани и на пленарна седница на Собранието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.