Првоосомничениот за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо во мај годинава бил фатен со нелегално оружје во близина на тунелите Демир Капија Јаворица. Според информациите до кои тогаш дојде Вечер.мк, Палевски бил фатен заедно со уште три други лица како бараат злато, а се обидел да го фрли пиштолот за кој имал само дозвола за поседување, не и за носење.

Случајот е наведен и во билтенот на МВР.

На 05.05.2023 околу 00.30 часот на земјен пат во непосредна близина на тунели Демир Капија-Јаворица, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово при Регионалниот центар за гранични работи Југ од лицето Љ.П.(58) од Скопје одзеле пиштол „Валтер“ калибар 9 мм, кој го носел без дозвола, стои во билтенот на МВР.

Ова не е прв случај кога Палевски бил фатен во незаконски дејствија.

Oд МВР денеска излегоа со информации за тоа какви пријави се поднесени против него во претходниот период.

Во 2019 година е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а во текот на 2019 година поднесени се прекршочни пријави поради омаловажување на полициски службеник. Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување, велат оттаму.

Во јуни 2020 година бил уапсен поради непочитување на мерката за самоизолација. Палевски тогаш се вратил од странство, но наместо да седи во својот дом, полицијата го пронашла во кафуле во центарот на Скопје, па го привела во ПС Центар.

Бизнисменот Палчо, во септември истата година беше приведен на белградскиот аеродром на пат кон Москва, а по осум месеци, повторно беше пуштен на слобода, по што се вратил во Македонија.

Тој беше уапсен по потерница на Хрватска, за некаков наводен долг на негова фирма во оваа земја.

Палчо беше осомничен и во една од предистрагите на СЈО „Никола Тесла”, поради што во неговиот дом беше направен претрес.

Наводно беа пронајдени “бомби”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.