Александар Николоски во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции во наредните два дена ќе учествува на конференција на високо ниво за европски млади лидери која се одржува од 8 до 11 март во Брисел, Белгија, во организација на тинк-тенкот „Пријателите на Европа”.

Оваа конференција на високо ниво предвидува дебати за начините за поттикнување на граѓански активизам, трансформација на општествата, обновување на социјалниот договор и неговото влијание врз различни сектори, од климатските иновации до градењето демократија и креирање нови политики.

На конференцијата во Брисел активно учество ќе земат високи политичари од ЕУ и влијателни личности од цела Европа. Дел од учесниците се Вера Јурова потпретседател на Европската комисија, Каја Калас премиер на Естонија, новинарот Бастиан Обермајер добитник на Пулицеровата награда за новинарство, Јустас Јанусакас основачот на Винтед и други личности кои што се влијателни и значајни за општествените промени и случувањата во државите од кои доаѓаат.

Николоски учествува на оваа конференција на високо ниво како резултат на неговиот избор во 40 највлијателни млади лидери под 40 години во Европа и ќе има можност да се обрати и да ги претстави ставовите и погледите за иднината на Европа, како и за политичките случувања во регионот и кризата со која се соочува Европа. Николоски ќе оствари бројни билатерални средби на кои ќе информира за актуелните случувања, политичката и економска состојба во државата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.