Драги пријатели, со вас сум слободна и отворена и ве чувствувам како едно мое големо семејство, па можам вака да споделам што имам да кажам на повеќе теми, пишува Зарина Првасевда на својот фејсбук профил осврнувајќи се на резултатите од Конкурсот на Министерството за култура.

Денес, ќе кажам збор- два по повод мојата одбиена апликација од Министерството за Култура. Сигурно прочитавте повеќе вакви статуси деновиве, но еве јас што имам да кажам на темата.

Искрено, секогаш кога ќе ми одбијат апликација од Министерство за култура или ќе ми дадат 3 денари пари за нешто големо, мене ми се посреќува. Да му е мерак на човек да пушти апликација, за да го одбијат, специјално. Еве ќе објаснам и зошто , за тие што имаат малку време и сакаат да знаат:
1. Снимањето на албумот ” Ехо ” 2021 – ОДБИЕН.
(Недоволно естетска целисходност и автентичност, вели Министерството).
– Се разбира, тоа ме разочара ужасно… Но, не ми ја уби силата и вербата што ја имав. Моите родители се скромни општи работници во државата, а јас во моментот работев за просечна плата, па така, беше речиси невозможно да се наслонам на сопствените финансиски средства за толку голем проект каков што го замислував од дете.
Барав илјадници начини, тропав од врата на врата, раскажував и верував дека некој ќе ми поверува на невидено. Се случи. Еден голем човек, мојот втор татко, не само што поверува, туку и направи да се случи. Иако не беше од ” фелата “, нешто слушна и нешто препозна – ” Ќе го направиме ова заедно рече, зошто на Македонија и треба нешто вакво. “. Така и би. Со поддршката и љубовта што ја добивав од него и неговото семејство, пријателите, од колегите, моето семејство и публиката која несомнено ми беше дирек кој ме држеше исправено.
НЕ ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА.
– Мојот прв албум го издадов за странска издавачка куќа, т.е за една од најголемите на Балканот, Croatia Records или бившо Jugoton.
– Го издадов во Април 2022година.
– Истиот, нешто подоцна го освојува 9 – тото место на Балканската светска музичка листа како еден од најслушаните музички изведувачи во 3-тиот квартал на 2022 година.
2. Побарав средства од Министерството за култура кога решив да правам промоција на истиот со концерт Македонската филхармонија – со голем оркестар – ОДБИЕНО.
( Со оглед на тоа дека се обратив малку подоцна од конкурсите, имаа одличен изговор како да ме откачат во еден потег.
“ Не можиме да ти префрлиме пари, не можиме да ти помогнеме со отстапување на салата без финансиски надоместок… Не си во годишна програма. “ , вели Министерство .
Имено, после месец дена талкање од канцеларија до канцеларија со едно ранче на раменици, полно соништа и верба во тоа што имам да го кажам на светот , после многу НЕ, после илјада потсмеви и разочарувања , Пакомак, вели,
” Закажи го концертот ние ќе ти помогниме.”.
Концертот, во сопствена лична продукција и организација , закажан на 15.04.2022, голема сала ја Филхармонија – за недела дена – РАСПРОДАДЕН.
Албумот сеуште не издаден, артистот НЕПОЗНАТ, НЕДОВОЛНО ЕСТЕТСКА ЦЕЛИСХОДНОСТ И АВТЕНТИЧНОСТ, концертот се распродава до последна карта.
Ух не… последната ја чував за министерката која што лично ја поканив.
Дали претпоставувате само кое место беше празно во салата?
3. Оваа година, поднесувам повторно аплкација за голем концерт во НОБ по повод нов албум , ОДБИЕН.
( цитирам : ” СЕ ОДБИВА поради непостоење на доволна аргументација за негова уметничка и естетска целисходност како проект од национален интерес во музичка и музичко-сценската дејност, поради што проектот беше оценет со помалку од 51 бод., ” , вели Министерството за Култура ) .
– Имено, во 2023 година ја освоив интернационалната награда за “ Најдобар нов талент за 2023 ” на интернационална платформа UPBeat , која се бави главно со светска традиционална музика, на која тимски работи и истражува во светот. Истата се добиваше по пат на отворено гласање и стручно жири, составено од професионалци во областа.
( Ниеден од Македонија ) .
– Во 2023 година, одржав концерти и се појавии на еминентни сцени во државата и надвор, како: OFF Fest – MК , D-Festival – MK, Budapest Ritmo – Budapest, Hungary , Saint Croix Volvestre – France , SHIP Festival – Croatia, A38 – Budapest, Hungary , BALKAN: MOST festival – Vesprem, Hungary , SoAlive Music Conference – Sofia, Bulgaria, како и солистички концерти низ Македонија: Велес, Кочани, Битола, Прилеп, Штип, Кичево и други, генерално распродадени.
– Во моментов се подготвувам за мојот концерт на еден од најголемите фестивали за Светска традиционална музика во Европа, Balkan Trafik, кој ќе се одржи во Брисел на 27. 04. 2024. Покрај овој концерт, својот концерт ќе го одржам и на Самитот на претседатели на влади и држави од земјите од Европска унија (29 април 2024 г) во Брисел a ќе одржам и уште неколку концерти во регионот за кои сеуште чекам датуми.
– Се подготвувам за снимање на нов албум кој е речиси готов, а богами и за промотивниот концерт во НОБ, кој Министерството за култура го одбива.
Покрај креативната работа на квалтитетот на музика и естетиката која треба да ја презентирам насекаде кадешто се појавувам со сопствениот прекрасен ансамбл составен музичари – професионалци, со високи достигнувања и сериозен придонес кон музичкото творештво, музичко – сценската дејност , издаваштвото во Македонија, во различни правци и насоки од областа, во педагошка работа во областа на музиката во Македонија, кој го одржувам во последните 3 години, треба да мислам на тоа каде и како ќе најдам средства за реализација, како ќе го изведам и сл.
Тоа најдобро знае мојот тим како изгледа, каков е мојот терк на работа за да успејам сите заедно да бидеме на сцена, затоа што ме гледаат постојано, но, нема да се жалам и не ми е тешко. Знам дека макотрпната работа и труд, секогаш на крајот се исплати. Го имам благословот да се бавам со она што живот ми значи и од него да живејам.
Фала му на Бога за тоа.
(Патем… Бидејќи се работи за големи проекти, ќе ми требаат спонзори, несомнено, како невработен и независен уметник во Македонија, па ако имате идеја за фирми – визиониери, секоја е добредојдена) .
Е сега, замислете, да ми беше репер за сопствениот квалитет Министерството за Култура и минстерката Бисера Костадиновска Стојчевска ? Замислете да верував дека ова се вистинските луѓе кои поставуваат стандард за тоа кој е квалитетен, автентичен и естетски издржан во Македонија? Замислете да чекав тие да ме видат или да ми помогнат?
Замислете да застанев со тоа што го работам, затоа што највисоката институција за култура во Македонија ме банира, не ме забележува или не ми дава од средствата кои би требало да бидат наменети за артисти како мене, патем, за афирмација на културата, фолклорот и традиционалната музика од земјава и регионот, во сопствената држава и секаде во светот кадешто настапувам? Замислете да покажувам благодарност и понизност за дадени 1000 евра за концерт кој чини 10 000 и тоа да ми биде стандардот во главата со кој ќе се задоволам ?
Замислете сега да кажам, не ми дадоа пари – не правам концерт или албум.
Кој страда? Музиката. Традиционалната музика, мојата публика која очекува нов албум и се разбира јас.
Напротив, министерство ми прави голема услуга, мислејќи дека нешто ме одбива. Со секое наредно вакво удирање со боздоган по глава, уште повеќе сфаќам колку е голема моќта на поединецот кој поседува компетенции, квалитети и тоа дека силата на еден ваков човек никогаш не може да биде ставена на кантар со обратното. Баби и жаби не можиме да мериме со ист аршин. Има некои работи кои ниедно министерство ниту министер на поединецот не може да му ги земе, затоа и нема од што да стравувам. Одиме понатака (јас и сите мои колеги кои се во истата позиција, на кои прочитав статуси после резултатите) , уште посилни.
Пирејот ќе најде пукнатина од кадешто ќе вирее, колку повеќе го киниш, толку повеќе никнува.
Ќе направам се како и до сега, со Божја помош, само овојпат како наравучение нема да ги правам истите грешки во однос на поканите.
Нема да дозволам некој добар човек кој ќе дојде со љубов на мојот концерт, ќе оддвои од својот скромен буџет и уредно ќе си купи карта, да не може да влезе заради некој којшто општеството ми го наметнува како авторитет, а притоа не само што нема компетенции и познавање од областа, туку нема ни грам од човечките вредности во кои јас верувам и ме водат на патот.
Фала ви драги луѓе, мои поддржувачи и пријатели за се, вашата поддршка живот ми значи.
Патем, со душа ве чекам сите кои сте на 24.04 во Скопје, да си дојдете во Public Room, да уживаме во ова што се вика
” Недоволна аргументација за уметничка и естетска целисходност.” , па да се надеваме дека кај вас ќе добијам нешто над 51 бод или т.н прелазна :)))
Ако сеуште има, овде можете да најдете билети : https://bileti.drugastrana.mk/index.php?id=378
Топли прегратки и љубов секому!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.