„75 години хорска љубов“ е насловот на концертот на академскиот хор „Мирче Ацев“ од Скопје кој ќе се оддржи во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“-Тетово во сабота на 2 март со почеток во 19 часот. Со овој концерт почнува реализација на годишна културна програма на оваа институција поддржана од Министерството за култура.

„Академскиот хор ни гостува по пауза од над десетина години. Сметаме дека ќе биде голем спектакл за градот, со оглед на капацитетот на хорот и диригентката Јасмина Ѓорѓевска. Академскиот хор ќе соработува со овдешните уметници, односно ќе настапи и детскиот хор при Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ на диригентката Фотини Георгиадис – Кировска и пијано придружба“, рече директорот на Центарот за култура Или Антески смок Тетово Вулнет Фејзулахи.

Се работи за аудио и визиелен богат сценски настап со 90-минутна концертна изведба на десетина композиции од македонски и странски автори.

Од Центарот за култура најавуваат богата годишна културна програма.

„Годинава ќе настапат голем број локални и странски уметници. По поголема пауза од десетина години ќе има концерт тетовската рок група Елита 5, ќе има неколку драмски претстави, самостојни и колективни изложби, графичка колонија, концерти и настапи на фолклорни друштва и слично“, изјави Фејзулахи.

Директорот Фејзулахи најави и реконструкција на објектот, односно внатрешниот дел од големата сала, снабдување со клими уреди кои се неопходни особено во летниот период, каде поради високите температури во месеците јули и август во Центарот за култура ретко се оддржуваат настани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.