Во Даут пашиниот амам ќе биде поставена самостојната изложба на академскиот уметник Симон Шемов. Свеченото отворање е вечерва, во 20 часот. Обраќање ќе имаат директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, и академик Влада Урошевиќ, македонски поет и лауреат на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2023 година. Завршната реч ќе ја има историчарката на уметноста Ана Франговска, кураторка на проектот.

Најновиот творечки циклус на маестро Шемов, насловен „Мултиверзум“, се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т.е. со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното. Во најновиот опус од речиси 400 дела се издвојуваат „четири феноменолошки аспекти, кои се аналогни на неговите повторливи интереси низ хронологиската матрица и се провлекуваат како дискурсни нишки низ неговиот целокупен уметнички опус (од почетоците, во средината на 60-тите на минатиот век до денес). Станува збор за природната индоктринација со пантеизмот, сосема логично на него се надоврзува преокупираноста со прашањата за постанокот и егзистенцијата на универзумот, та оттука космологијата/космогонијата како клучни одредници ад акта, потоа аспектите на поврзаноста на уметноста и природата на игрите (т.е. вечната потреба за истражување, експериментирање и анимирање и на себе и на публиката – со одреден партиципативен директен или индиректен инпут) и семиотиката, т.е. неговата преокупација со истражување и трансформирање на симболи и архетипови – вели Франговска.

Поставката ќе биде достапна за публиката до 27 ноември.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.