Во рамки на програмата на седмото издание на „КРИК“, фестивалот за критичка култура, утревевечер (четврток, 30 јуни) во КСП Центар – Јадро, во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Сенките на занаетите: инсталација на светлина-сенка-звук“ од турскиот уметник Билал Јилмаз.

Изложбата е резултат на партиципативно истражување за занаетчиската култура во Скопје, реализирано за време на едномесечениот престој на уметникот Билал Јилмаз и кураторката Лидија Хаѕиоану во рамките на КРИК – фестивал за критичка култура, заедно со учество на локални креативци. Во контекст на нивниот проект Creative – Craft Platform (Креативна платформа за занаети), Билал Јилмаз и Лидија Хаѕиоану имаат цел да воспостават мрежи и заедници на занаети и креативци во контекст на предизвиците кои ги носи со себе постиндустриското општество“, стои во соопштението од фестивалот.

Како што информираат оттаму, проектот нуди алатки за воспоставување колективна архива на занаетчиската култура и активирање на креативците да размислуваат за потенцијалот на занаетчиството, притоа документирајќи и разбирајќи ги аспектите на трансформацијата на занаетчиството во современиот контекст.

Скопје е првиот град кој е мапиран надвор од Турција, по Истанбул и Ајвалик. Партиципативното истражување реализирано во изминатите неколку недели е претставено на интерактивна дигитална мапа. Тоа е првиот чекор кон формирање на локална заедница на креативци и занаети, која ќе стане дел од динамична меѓународна мрежа на мапирани градови. Инсталацијата го визуелизира процесот на мапирање и истражување, преку предмети и звуци кои го претставуваат занаетчискиот пејзаж на градот, додаваат оттаму.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.