Вечерва, со почеток во 19 часот во Национална галерија „Чифте амам“ ќе се одржи промоцијата на книгата на Артан Садику, провокативно насловена „Субјект(ивна) политика“. Книгата е во издание на „Контрапункт“  во рамки на својата едиција за критичка теорија, политичка филозофија и современа култура „Пунктум“, која произлезе од платформата за критичка култура КРИК.

Промоцијата ќе биде во формат на дијалог помеѓу Артан Садику и Славчо Димитров кој е водечкиот теоретичар во сферата на критичката теорија, родовите и квир наративите. Артан Садику е еден од најмаркатните, исклучителните промислувачи на општеството, граѓанинот, новите форми на отпор и поинаквите, отстапувачки и неретко радикални форми на заедницата.

Садику е истражувач, теоретичар и активист кој има докторат по филозофија. Негови примарни научни интереси се теориите на субјектот, феминизмот, радикалните пракси во политиката и уметноста. Работел во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје каде ја водел Школата за критика и политика и е основач на Левичарското Движење Солидарност и Културниот Клуб Синдиката. Студирал и истражувал во универзитетите во Минхен, Балтимор, Осло и Амстердам.

Димитров има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Скопје. Магистрира, првин, на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа на катедрата за Мултидисциплинарни родови студии на Универзитет на Кембриџ. Моментално ја работи својата докторска теза на Факултетот за медиуми и комуникации СИНГИДУНУМ во Белград.

Седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура започна во јуни, 2022 година и се одвиваше во неколку сесии на тема „Во постојан отпор“. Програмски уредници се Искра Гешоска и Артан Садику. Учесници на седмото издание на фестивалот беа: Нејтан Браун, Синтија Мичел (Канада), Билал Јилмаз (Турција), Лидија Хаѕиоану (Грција), во соработка со Тииит! Инк, Шејла Камериќ (Босна и Херцеговина), Петар Милат (Хрватска), Станимир Панајотов, Ангел Симитчев, Мартин Луканов, Иван Шентов (Бугарија), Феликс Фалцук, Јохана Хершел (Германија), Сезгин Бојник (Косово/Финска), Бен Вотсон (Велика Британија), Милица Пекиќ (Србија), Славчо Димитров, Никола Маџиров, Ивана Хаџиевска, Владимир Јанковски, Елизабета Шелева, Ивана Драгшиќ, Тамара Ристовска и други (Македонија).

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.