Потпретседателот на ССМ Зоран Јовановски во гостување во вечерашното издание на емисијата „Клик плус“ на ТВ21 рече дека сега е време на преживување, а не за даночни реформи.

Мислам дека постои општ консензус во ваква ситуација на максимална неизвесност и на масата е веќе темата за ликвидност и отежната ликвидност, пролонгиран рок на извршување на обврските. Ова не е момент кога би требало веројатно да зборуваме за даночни реформи. Тоа сме го кажале ние и со министерот за финансии отворено, значи сите теми заслужуваат да се разговараат меѓутоа треба да има нормален амбиент кога тоа би го разговарале, рече Јовановски.

Извршниот директор на Комората на северозападна Македонија, Дриљон Исени додаде дека голем број од комапниите биле во дилема дали да работат со загуба или да отпуштаат вработени лица.

Ако прашате кои се трите најголеми проблеми во бизнисот сега, без сомнение сите ќе ви речат енергетската криза, човечкиот капитал и ликвидните средства. Сега компаниите се соочуваат со овие три проблеми истовремено. Ликвидните средства што ги имаат како заштеди или во банки веќе ги исцрпиле сите поради ковид пандемијата и сега се во дилема дали да работат со загуба да ги отпуштат своите вработени, рече Исени.

Исени рече дека компаниите биле и во дилема доколку отпуштат вработени лица, дали повторно ќе може да најдат кога ќе се стабилизира ситуацијата.

Одлуката на Владата за помош на домаќинствата за цената на електричната енергија за Јовановски е добра, но нагласи дека мора да има помош и за компаниите.

Ако трошокот го субвенционирате 80% за домаќинствата, значи ако треба да биде 100 денари сметката за струја, граѓаните плаќаат 20, а 80 им плаќа државата. Тоа ли е решението, ако фирмата се затвори, тој што требало тие 20 да ги плати не може затоа што нема плата, вели Јовановски.

Потпретседателот на ССК Горан Георгиевски додаде дека Владата морала да се насочи кон целосно домашно производство на струја за да биде поевтина за стопанството.

Според него, Владата исто така требало да се спрегне и сите капацитети кои ги поседува земјата да бидат во функција.

Еден од РЕК-овите практично не работи, не знам точно кој е. Понатака, ТЕЦ Неготино има два котели по 80 мегавати, едниот чинам дека работи, другиот не сум сигурен дека работи. Практично сето ова требаше да функционира и да работи длабоко во минатиот период, таму на почеток некаде во првиот квартал на годината затоа што тоа ќе овозможеше да имаме пониски цени на електричната енергија, односно да има бизнисот пониски цени на електричната енергија, вели Георгиевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.