Семејствата, другарите и голем број граѓани на Србија денеска се збогуваа со десет од жртвите на двете масовни убиства што се случија во основно училиште во Белград и во селата Дубона и Мало Орашје кај Младеновац.

Во Белград денеска беа погребани четворица ученици и чуварот во училиштето „Владислав Рибникар“.

Дел од учениците беа погребани на градските гробишта. Едно девојче, пак, беше погребано на централните гробишта, додека убиениот чувар – на гробиштата „Лешче“.

Стотина лица, меѓу кои и поранешни и сегашни ученици, но и бројни граѓани, се збогуваа со членот на обезбедувањето на училиштето „Владислав Рибникар“, пренесува РТС.

Масакрот во ова училиште го изврши 13-годишен ученик, Коста К., а уби вкупно деветмина (чуварот и осум деца) и рани седуммина (наставничка и шест деца).

21-годишниот Урош Б., пак, за неполни 48-часа изврши уште едно масовно убиство што ја потресе Србија. Во селата Дубона и Мало Орашје тој уби вкупно осум лица. Три жртви убиени во Дубона ќе бидат погребани утре, а денеска пет другари од Мало Орашје беа испратени во вечните почивалишта.

На погребот, јавува РТС, присуствуваа стотина мештани, а опелото го служеле 10 свештеници.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.