Познатиот косовски новинар и публицист, Батон Хаџиу, изјави дека поранешниот албански претседател и експремиер, Сали Бериша, се обидува да ја дестабилизира Албанија.

Гостувајќи во емисија на „Еуроњуз Албанија“, Хаџиу истакна дека Бериша „сака да предизвика голема криза на политичката сцена” која би довела до дестабилизација.

Сака битка на чие чело ќе биде тој и да предизвика голема криза. Бериша е свесен дека голема криза се предизвикува само ако тој стане претседател на Демократската партија (ПД). Бериша ја сака моќта против Еди Рама и ќе има преговори со Илир Мета за да и го скратат животот на владата – смета Хаџиу.

Политичкиот аналитичар и публицист, Анди Бушати, смета дека Бериша е должен да се однесува како претседател на ПД, иако изборите во партијата се уште не се одржани.

Според Бушати, Бериша не се соочува само со премиерот Рама, туку и со САД и противничката група во ПД.

Бериша е принуден да се однесува на ваков начин. Има луѓе кои тоа го оспоруваат во партијата но не се нормални предизвикувачки. Тие се како коалиција, противници поддржани од Американците и владата – смета Бушати.

Бериша, кој до 2013 година беше лидер на ПД, не ги крие амбициите дека сака повторно да застане на чело на партијата, која по оставката на лидерот Љуљзим Баша, моментно е со вршител на должноста.

Стејт департментот, како и Рама се произнесоа дека нема да има соработка со ПД доколку лидерската функција ја преземе Бериша, кој во мај минатата година е прогласен за непожелна личност за САД поради вмешаност во корупција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.