На агендата на последната средба на Заедничката македонско-бугарска историска комисија што се одржа во Скопје беа учебниците по историја и периодот на Средновековието во Бугарија и во Република  Македонија и евентуално заедничкото чествување на Гоце Делчев, но повторно ништо не се случи, вели копретседателот на Комисијата од бугарска страна Ангел Димитров.

Тоа е интересен и важен сигнал пред се за атмосферата во која што работеше нашата комисија на последната 20-та средба. Можам да кажам дека таму нема подготвеност за некаква промена – изјавил Димитров за БНТ.

Средбата се одржа во време кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара референдум за отфрлање на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, а, како што вели Димитров, некои од македонските колеги отворено му кажале дека се подложени на заплашувања и на притисок ако променат нешто во ниввната позиција.

Тоа не значи дека тие се подготвени тоа да го направат, но зборувам за атмосферата во јавноста и тоа јасно покажува што се случува во Република Македонија – коментира Димитров.

Во контекст на истражувањето на „Конрад Аденауер” кое покажа дека дури 44 отсто од македонските граѓани ја сметаат Бугарија за најголем непријател, а 37,4 отсто велат дека Србија им е најголем пријател, Димитров коментира дека луѓето во  Македонија кои тврдат дека ова има длабоки историски корени, мислат само на периодот по 1944 година.

Тие немаат сознанија што се случувало во првата половина на минатиот век кога населението таму беше прогласено за српско и кога имаше терористички режим, кога таму имаше страшно насилство и постојани репресии. Тоа се чини дека воопшто не ги интересира, па знаат само за пропагандата и манипулациите по 1944 година, а за жал таа пропаганда е антибугарска – објаснува Димитров.

Според него, Гоце Делчев е постојано во програмата на Комисијата веќе трета година и никако да се стигне до него. Она што е решено и објавено, вели, е дека треба да се пристапи кон промена на учебниците во Македонија и тоа оние учебници кои се надвор од „нашата заедничка историја”. Димитров уште објаснува дека забелешките за бугарските учебници се општи, не се однесуваат на важни нешта во интерпретацијата на историјата и се пожелни, но во Македонија треба да има сериозни промени во учебниците.

Многу е интересно што во 90-те години на минатиот век високи политичари, па дури и самиот претседател рекоа дека „стигнавме до дебугаризација”. Сега се плашат дека ќе настапи бугаризација, што е апсурд – оцени Димитров.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.