Претпоследното суперлигашко коло го носи најголемиот скандал во последно време во македонската кошарка, откако е прекинат мечот помеѓу Гостивар и Пелистер и тоа на седум минути до крајот при водство на домаќинот (65-62), откако дојде до инцидент во кој настрда тренерот на битолчани, Марјан Илиевски.

Набрзо откако Никола Малешевиќ доби техничка грешка поради вербален дуел со навивачите од првиот ред на главната трибина, одеднаш се случи хаос на спротивната страна на теренот, каде што, засега неофицијално, предводникот на пелистерци беше удрен со тврд предмет од трибините. Тој поради тоа падна на паркетот, каде што извесно време му беше укажувана лекарска помош.

Веднаш потоа дојде до поголема мешаница, во која се вмеша и полицијата, па тренерот Илиевски беше изнесен од паркетот со помош на неколку полицајци. Набрзо потоа, теренот го напуштија и кошаркарите на Пелистер, а како што во моментов стојат работите, мали се шансите средбата да продолжи.

*Инцидентот почнува на -1:03:50 од видеото



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.