Синоќешниот настап на Горан Бреговиќ и неговиот оркестар за свадби и погреби донесе 17 музичари на сцената кои маестрално изведоа песни од неговите два последни албума „Три писма од Сараево” и Папокот на светот”.

Бреговиќ го почна концертот споделувајќи ја приказната на новинарката на Си-Ен-Ен, Ребека Смит која разговарала со рабин кој 60 години се молел пред Ѕидот на плачот во Ерусалим.

Отишла таму да направи репортажа и го прашала за што се моли. ‘Се молам за мир помеѓу христијаните, муслиманите и Евреите, се молам војните и омразата да престанат, нашите деца да станат одговорни луѓе и да ги сакаат своите соседи, но 60 години се чувствувам како да зборувам со ѕид’, ѝ рекол рабинот. Овој концерт е со таа порака. Да научиме да се сакаме и да ги научиме нашите деца да не чувствуваат омраза, рече Бреговиќ.

Следуваа познаните „Месечина”, „Ова е Балкан” и „Калашњиков”, која ја свири на бис, секогаш ја развеселуваат публиката, а така беше и во Скопје.

Како предгрупа настапија нашите Леб и сол”. Македонскиот рок бенд последен пат свирел со босанскиот музичар и неговото Бијело дугме” во 1977 година, а Бодан Арсовски пред да ја напуштат сцената рече дека се надева оти следниот пат, во Сараево Бреговиќ ќе настапи како предгрупа на „Леб и сол“.

Претходно во интервју за „Република“, Бреговиќ на прашањето како гледае на тоа каде оди светот рече:

Мојата последна плоча се вика „Папокот на светот“ и на корицата од албумот јас го бакнувам стомакот на една бремена Африканка која има тетоважа на земјината топка на стомакот. Сакам да кажам дека без оглед на религијата, на бојата на кожата или на било каква различност, сите ние имаме една единствена мајка која сите не родила, а тоа е планетата Земја, а кон неа се однесуваме полошо отколку кон најлоша маќеа. И како и сите кои имаат деца си мислиме каков свет им оставаме на нашите деца. Што ќе остане од овој убав свет кој ние го имавме за нас. Што ќе им остане нив.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.