Хрватскиот кантавтор Петар Грашо три вечери ја полнеше салата на Филхармонија со однапред распродадени концерти во Скопје.

Она што настанот го направи посебен е акустичната изведба на Грашо и неговиот бенд, во придружба на камерен гудачки оркестар. Грашо е мајстор за комуникација и топол однос со публиката, што освен песните, го прави добредојден во целиот регион. Пеејќи ги своите најголеми хитови од 1996 до денес, пејачот од Сплит традиционално го испочитува и својот семеен пријател и ментор Оливер Драгојевиќ, пеејќи ја неговата песна „Двапати умрев“ (Два пут сан умра).

Ми се враќаат слики од детството со Оливер. Ние деца, семејно собрани, тој свири хармоника, пред него чаша вино и цигари. Нашите семејства постојано се собираа и пееја заедно. И, ете, израснавме здрави. На денешните деца сѐ нешто им е забрането“, рече Грашо и додаде дека Драгојевиќ му ја дал довербата кога имал само 16 години и испеал песна која тој ја напишал.

Пејачот ги поздрави и неговите родители Снежана и Зоран, инаку поранешен кошаркар, кои исто така дојдоа во Скопје.

Првиот концерт овде го имав во Универзалната сала во 2001. Тогаш дојдоа и моите родители. И сега се тука некаде во публика, со своето друштво, повторно по 23 години“.

Во најава, а и во песна го испочитува и Мишо Ковач, пеејќи обработка од негов хит, откако рече дека за тоа го замолил композиторот Ѓорѓе Новковиќ, авторот на песната „Никого не сум сакал така“ (Никога нисам волио тако).

Му реков на Ѓорѓе: ‘Како јас да пеам песна од Мишо?’ Ми рече дека ќе биде супер ако ја преработам на мој начин и излезе супер“, кажа Грашо.

По бисот ја поздрави публиката со интересна порака:

Денес е сѐ лажно. Девојките кои немаат големи гради ги прават поголеми со филтри на Инстаграм. Можете да се сликате во својата бања и да ставите позадина од Дубаи. Но, она што не може да се излаже се љубовта и енергијата кои ги даваме“.

Концертите ги организира продукцијата „Прагма“, а Грашо ќе одржи концерт и во Струмица, во Домот на култура на 30 април.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.