Во тек е снимањето на вториот дел од филмот „Џокер“, а првите сцени се снимени на улиците на Лос Анџелес.

Минатиот викенд фановите имаа можност да го видат Хоакин Феникс на улиците на Лос Анџелес за време на споменатото снимање, а за првите протечени фотографии и видеа многу се зборува.

Популарниот актер Хоакин Феникс е виден во улогата на Артур Флек, а покрај него на снимените фотографии е уште еден маж кој личи на Џокерот од првиот дел на филмот од 2019 година.

Феникс е виден облечен во сив костум, под кој носел жолта кошула и сива вратоврска, а сето тоа изгледало валкано. На него имало траги од крв и му се распаднала шминката, што ги навело фановите да помислат дека Артур Флак бега по некаква експлозија, пишува „Дејли мејл“.

Вториот „имитатор“ го носи истото одело што го имаше Флек во првиот дел и неговото лице е целосно покриено со шминка.

Иако не е познато за кој актер станува збор, се смета дека тоа би можел да биде Хари Лоти, кој глуми во вториот дел и кој е висок колку Феникс како и двата лика на фотографиите.

Она што сега е познато е дека во други улоги ќе се појават Брендан Глисон, Џејкоб Лофланд и Кетрин Кинер.

Премиерата на филмот „Joker: Folie a Deux“ е најавена за 4 октомври 2024 година, точно пет години по првиот филм.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.